Koга Вернер Херцог му го спаси животот на Хоакин Феникс

Звучи како урбана легенда, но не само што ја има на Википедија страницата на оскаровецот, туку ја потврдил и самиот Херцог. Сепак, надреално.

Чепкајќи низ тривија за Феникс, приказната за неговиот починат брат, врските со Лив Тајлер и сегашната вереница Руни Мара, веганството итн., неочекувано наидовме на неверојатна приказна.

На 26 јануари 2006, додека возел долж кривулест пат низ Холивуд, актерот слизнал од патот а колата му се превртела. Несреќата наводно се должела на неисправност на кочниците. Потресен и збунет, тој слушнал како некој чука на прозорецот и му вели „само опушти се“. Одговорил дека е релаксиран, но човекот, со авторитативен глас му рекол „не, не си“, и му ја одзел запалката која овој ја држел в рака додека бензинот почнувал да пробива во кабината. Кога го скршил задното стакло и му помогнал да излезе од колата, Хоакин сфатил за кого станува збор - човекот бил Вернер Херцог. Откако дошла брза помош, актерот го побарал за да му заблагодари, но овој веќе си тргнал по својот пат. Во подоцнежни интервјуа изјавил дека најмногу му оставил впечаток гласот на Херцог, кој целосно го смирил.

На германскиот режисер толку необични нешта му се имаат случено во животот, што ова веројатно не му оставило посебен впечаток. На пример, најсмирено има реагирано кога среде интервју на отворено некој случајно го застрелал со воздушна пушка во стомак. Има изедено варена чевла поради облог со друг режисер (за што во 2013 пишувавме тука). А за мрзнење по сибирски тајги и малтретирање по амазонски џунгли и да не зборуваме.

Еве го видеото во кој тој самиот го раскажува настанот. Легенда!

11 февруари 2020 - 14:46