„Како да не, ти ќе снимиш филм". Вака веројатно реагирал Херцог кога Ерол Морис во 1978 му рекол дека сака да го сними неговиот прв документарец, и тоа на прилично бизарна тема - смрт и погребување на домашни миленици. „Ако ти успее, ветувам дека ќе си го изедам чевелов", непромислено додал на крајот од муабетот.
Не поминало долго време а филмот на Морис „Небесни порти“ дошол до премиера. Лес Бланк, познатиот режисер на независни филмови кој почина пред неколку месеци, во 1980 снима краток документарец во кој Херцог си го исполнува ветувањето, и на денот кога филмот треба да игра во Беркли, Калифорнија, во локалниот ресторан со помош на готвачката Елис пет часа ја вари чевлата зачинета со лук и разни ароматични билки. Пред самата премиера излегува пред публиката, и објаснувајќи го чинот како поттик на секој oној кој ќе одлучи да сними филм наспроти сите проблеми и обесхрабрувања - ја јаде. Единствено го заобиколува ѓонот, велејќи дека дури и кога јадеш кокошка имаш право да ги оставиш коските.
Еве го филмот во кој Херцог несебично го фали успехот на неговиот колега, заради кого се најде во сцена како во филмот на Чарли Чаплин. Алал вера.