Кечап и мајонез?

Книги со холестерол

МекДоналдс - оној што го нема во Скопје - одлучи да стане издавачки гигант. Во следните два месеца играчките во пакетите за деца ќе ги замени со книги. Иронија: тие ќе бидат со нутриционистички педагошки пораки.

Мекдоналдс од 1. ноември ќе почне дистрибуција на 20 милиони детски книги. Чисто за споредба, тоа е повеќе од 15-те милиони примероци на најдобро продаваната трилогија „Игри на гладта" продадени во 2012.

Но овие книги нема да зборуваат за глад, туку за храна и тоа, парадоксално, не за онаа брзата која преку нив ќе се рекламира и продава, туку за здравата - четирите наслови кои ќе бидат објавени се напишани специјално за МекДоналдс и вклучуваат интересни ликови, како ненаситна коза која сака да биде на диета, и диносаурусче кое расте затоа што се храни правилно.

„Ова е дел од поширока книжевна стратегија, која ќе ја комбинира забавата на Happy Meal, новите партнери и технологијата за да поттикне повеќе поминато време во читање со семејството", изјавил потпреседателот на маркетинг за МекДоналдс САД, Убонг Итуен.

Истовремено, компанијата ќе издаде и нова интерактивна дигитална книга, и тоа секој месец до крајот на 2014, на сајтот HappyMeals.com. Партнер во ова им е Reading is Fundamental, голема детска непрофитна организација, која ќе ги дистрибуира насловите од проектот до деца кои немаат пристап до книги (нивниот пристап до сендвичи не е спомнат).

Во текот на 2013 слична акција се изведе во Велика Британија, кога се појави и ироничен хаштаг, #mcbooks, кој сега е повторно актуелен. Еве ги насловите кои ги предлагаат твитерџиите. Наше дополнување: „Старецот и чикен нагетот", „Војна и милк шејк", „50 нијанси триглицериди" и „Гордост и дупли чизбургер" или „Алиса во земјата на калориите".

 

 

11 октомври 2013 - 09:35