Сите досегашни инциденти предизвикани од караници за филозофија или поезија за кои сме известиле се лоцирани во Русија. Првиот се случи во Ростов-на-Дон, кога пред гранапче двајца другари се скарале околку „Критиката на чистиот ум" на Кант, при што едниот извадил пиштол на гумени куршуми и пукал во филозофскиот противник. Вториот, посериозен и со жртви, се случи во Свердловск, кога поранешен наставник во основно училиште го убил неговиот 67-годишен пријател по пијана расправија околку тоа што е супериорно, поезијата или прозата. Третиов инцидент се случил во родниот град на Кант, Калиниград - непознат сторител напишал „Кант е идиот" на некогашната куќа на филозофот.
И ова би било скандал доколку таа е некаков споменик на културата (каков што би требала да биде) или музеј. Но скандалот всушност се состои во тоа што таа е обична руина, која станала „место за пиење и тепачки помеѓу локалната младина". Некој од посетителите знаел точно каде се наоѓа, но имал и подвоени чувства во врска со тоа, бидејќи освен погрдните зборови упатени кон 18-вековниот мислител сепак му нацртал и срце и цвеќенце.
Во времето на Кант гратчето се викало Кенигсберг, тогашна Прусија, и тој го минал целиот живот во него. Станал дел од Русија (СССР) по Втората светска војна. Неговите жители се горди што филозофот живеел во нивниот град, па не само што го именувале локалниот универзитет по него, туку и тазе венчаните парови од чудни причини имаат навика да ставаат цвеќиња на неговиот мермерен гроб во катедралата во центарот на градот.
Неговата селска куќа и покрај ветувањата со години не е чепната - можеби токму графитов ќе поттикне нејзина реставрација. А можеби тоа е масло на некој наследник на Шопенхауер, кој додуша своевремено малку поречито го критикуваше ликот и делото на неговиот колега.