Овој месец уметникот Фил Колинс, Британец кој живее во Берлин, транспортирал статуа од 3,5 метри на Енгелс од село во источна Украина, низ Европа, до Британија. Наскоро, во текот на Меѓународниот фестивал во Манчестер споменикот, бетонска биста на брадосаниот револуционер, ќе биде откриена во градот каде тој го пишувал своето капитално дело - „Состојбата на работничката класа во Англија“.
Енгелс живеел во Манчестер повеќе од дваесет години во средината на 19 век, градејќи ја својата револуционерна филозофија преку набљудување на суровите услови во кои работеле децата, жените и мажите во тогашната колепка на индустрискиот капитализам. И, како што нагласува Колинс, иако тој период од животот на филозофот е добро проучен и документиран, во Манчестер не постои визуелен симбол кој би го комеморирал овој човек кој го промени светогледот на голем дел од 20-тиот век.
Оваа неправда ќе биде исправена на 16 јули, кога статуата која според Колинс зрачи со „емпатична лиричност“ ќе биде поставена над град кој и денес се соочува со сиромаштија, со надеж дека ќе инспирира некоја нова револуција.
Претходни дела на Колинс често се однесувале на комунистичката и пост-комунистичката историја. Два негови филмови - „Марксизам денес“ и „Корист! Вредност! Размена!“ (2010) истражуваа што се случи со наставниците по марксизам во Источна Германија (кои станаа исто толку излишни по промените како што станаа и нашите некогашни професори по истиот предмет). Она што го интересира се ваквите рески промени на значења поврзани со идеи и предмети - што се случува со симболите кои се толку контаминирани со нарации за диктаторство, што сите останати - за животот, љубовта и пријателството - се засенети?
Преместувањето на скулптурата на Енгелс во Манчестер се случува по забраната на секакви споменици и симболи на поранешниот комунизам во Украина од 2015. Сите статуи и мурали од ова време би требало да се отстранат и уништат, а улиците да се преименуваат. Но голем број градови не знаат што да прават со ваквите споменици - понекогаш тие се оставени во некоја чудна меѓузона, отстранети од нивните стари места но оставени да скапуваат тивко вон јавниот поглед.
По две години потрага на соодветна статуа на Енгелс низ Украина, таа е конечно најдена во селото Мала Перешепина, во област која порано го носела името на Енгелс, во регионот на Полтава. Отстранета е од локалниот плоштад, пресечена на половина и фрлена на некоја нива. Следеле осум месеци преговори и куп правни и логистички пречки. Сето она низ што поминал Колинс во текот на неговиот напор за преселба на нешто што за некого е само куп бетон, а за друг моќен симбол, ќе биде вклучено во нов филм кој ќе ја придружува инаугурацијата на статуата.