Шакак Шапира, израелско-германски автор, очигледно погоден од тоа што среде споменик на масовно истребување некој стои во јога поза, а друг жонглира со розови топчиња, неодамна на сајт под име „Јолокауст“ објави 12 вакви селфиња. Нив ги имаат направено посетители на меморијалниот споменик на холокаустот во Берлин.
Она што тој го додава на фотографиите е црно-бела верзија која се појавува кога со маусот ќе поминете над оригиналните - сцени од документарни снимки од концентрациони логори, кои даваат сосема поинаква позадина на инаку лежерните селфиња.
Името на сајтот е комбинација на „yolo“ - интернет сленг за You Only Live Once (само еднаш живееш), и „холокауст“ или целосно истребување. Тој предизвика бура реакции, меѓу кои и од оние кои се на фотографиите кои не дале дозвола тие да се преземат од нивните фејсбук акаунти. На дното на сајтот авторот сепак ставил мејл (undouche.me@yolocaus.de) на кој секој чија слика ќе биде објавена може да бара нејзино отстранување.
„Овој феномен го забележав при мојата посета на Берлин, а потоа почнав да ги гледам овие слики насекаде. Сакав луѓето да знаат што всушност прават, или како другите можат да го интерпретираат тоа, дури и ако не го прават намерно“, вели тој.
Една од темите на вжештената дискусија стана и начинот на кој треба човек да се однесува при посета на меморијален споменик. Дали се ова „свети“ места на кои се подразбира и поинакво однесување, или се сосема обични јавни простори каде луѓето се среќаваат, се дружат или се дојдени да бидат сами со себе. Авторот на самиот споменик, Петер Ајсенман, вели дека има огромна разлика помеѓу сликање лефтерни селфиња кај неговиот споменик и правењето на истото среде масовна гробница како Аушвиц, на пример.
Засега од Јолокауст е тргната само една фотографија, а човекот кој го побарал тоа изразил жалење за своето однесување. Но останатите фотографии ќе останат на сајтот, а Шапира има намера да продолжи со нивно објавување, заради дебатата што тие ја поттикнуваат.