Фото-изложбата „Чудни гости“ на Тијана Митевска, која ќе се отвори на 19 август (среда), 20 часот во Паркот на Франкофонијата, е резултат на долгогодишно истражување на заборавени пејзажи и маскирани традиции во Македонија и Европа, реализирано преку индивидуална теренска работа како и проектот „Echoes of a Forgotten World“, поддржан од UNESCO. Тој ги открива невидливите врски меѓу старите обреди од Итурен во Шпанија до нашето Вевчани, и од Науса во Грција до долината на Соча во Словенија.
Во маските и обредите на Стара Европа се појавува нешто необично и туѓо, како да припаѓа на некој друг, одамна исчезнат свет. Сепак, географски оддалечените пејсажи често кријат исти траги.
Тијана Митевска е фотограф, режисер и истражувач. Дипломирала филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје и работи како независен автор, создавајќи документарни и кратки филмови, а паралелно развивајќи и сопствен фотографски израз. Последните години нејзиниот интерес е насочен кон културното наследство и зимските маскирани ритуали во Македонија и пошироко во Европа, кои ги истражува и документира низ фотографија.