Стилот на шкотскиот писател не можете да го промашите, без оглед дали го читате или ги гледате филмските верзии на неговите дела - црн хумор, реализам на животот на луѓето на маргините, единбуршки жаргон кој едвај се разбира без англиски титл. Но според него на темите кои денес ја мачат работничката класа треба да им се пристапи поинаку, затоа што е дојден мигот светот да осмисли нов начин на живот. Постоечкиот, според него, е веќе неодржлив.
Во интервју преку Зум на неодамна одржаниот фестивал на краток расказ во Ријека, Хрватска, тој изјави дека живееме во постуклтурен свет, каде сè е медиумска конструкција, во кој културата не се генерира од ниту едно друго место освен од она што се случува онлајн.
„Што ни носи иднината? Нула економски раст, нема фабрики, нема платен труд, начинот на живот кој некогаш го имавме веќе не е одржлив, а сè додека не смислиме како понатаму, сите сме само остатоци од еден систем кој постои само за протокот на циклусот на богатство да продолжи да се насочува во рацете на најботатите“.
Ова резултира со генерална пасивност, во која мнозинството луѓе бираат само да ги проживеат своите животи без навистина да бидат вклучени во општествените текови. Интервјуто е правено на почетокот на октомври, а во него Велш тврди дека на следните американски избори повторно ќе победи Трамп, бидејќи нема да наиде на толкав отпор како што се верува. „Ние сме сега во фаза кога демократијата ја имаме оставено зад себе, кога ни е потребна таква авторитарна фигура која ќе ни каже што треба да правиме. Се доведовме самите себе во една страшна дистопија и не можам да кажам дека не го гледам повторно како американски претседател“.
Сепак, фазата на пасивност која пандемијата уште повеќе ја нагласува, комбинирана со зависноста од интернет, според него после овој период ќе почне да се преиспитува, а можен е и бунт против интернет и масовно повлекување од онлајн светот.
Тој се уште се нема заситено од ликовите од серијалот „Трејнспотинг“ иако последната, петта книга, ја напиша пред две години. За да си го разбие писателското секојдневие тој почнал да настапува како ди-џеј, во Мајами, каде денес живее.
Целото интервју тука
Види и претходно:
Поранешниот зависник од хероин кој помогнал во режирањето на Трејнспотинг 2