Од 16-19 февруари во Скопје ќе се одвива PlayUK, фестивал на кој ќе бидат прикажани современи британски играни и документарни филмови. На отварањето ќе биде прикажано долгоочекуваното продолжение на Трејнспотинг, „џанки“ класикот на Дени Бојл, правен според дебитантскиот роман на Ирвин Велш.
Во 1996, кога „Трејнспотинг“ почнал да се прикажува во кината, Гери Фрејзер го живеел животот на ликовите од филмот. Всушност и повеќе од тоа - тогаш 19-годишен, тој бил толку длабоко потонат во криминал и дроги, што за него филмот бил дури и питом.
„По 20 години, го ценам уште повеќе“, вели сега тој. „Тогаш бев многу ограничен. На пример, бев многу разочаран што беше сниман во Глазгов“.
Фрејзер е растен во Муирхаус, станбен комплекс на север од Единбург каде се уште живее, а каде во 1986 повеќе од 50% од жителите биле регистрирани ХИВ-позитивни корисници на хероин. Сега, на 38 години, Фрејзер снима музички видеа, автор е на еден документарец, а доживеа да биде и помошник-режисер на долгоочекуваното продолжение на славниот филм.
„Не сум роден на овој свет, фрлен сум во него. Со татко алкохоличар и мајка која не знаеше да сака. Секоја зима во населбата имаше помалку луѓе. Не знаев дека тоа е затоа што умираа од сида“.
Заедно со дрогите и болестите одело и насилството и малтретирањето од полицијата. Пред да наполни 18 тој поминал низ 36 домови за згрижување, дилајќи хашиш, „трева“ и ЛСД, меѓу другото и за турска мафија. Но сето ова завршило пред една деценија, по раѓањето на неговиот прв син.
Тогаш се запишал на курс по медиуми на локалниот колеџ за дообразување. И тоа се покажало како добар избор. Првиот филм му била на тема „култура на ножевите“ во Единбург - вели дека за уметник е многу поинспиративно да се движиш низ маало во кое луѓето крадат коли и мотори, и дилаат додека се одвива војна помеѓу бандите, отколку да живееш во некој елитен кварт со убави куќи, каде не се случува ништо.
Во 2014 Фрејзер режирал автобиографски документарец за неговиот живот, „Сечие дете“, кој претставува бескомпромисен приказ на сиромаштијата и очајот во истата населба во која е растен и Ирвин Велш. Откако Фрејзер за филмот ја добил шкотската Бафта за нов талент, токму Велш се заинтересирал за него. Иако најпрвин го убедувал Бојл да го ангажира Фрејзер како актер, овој многу повеќе сакал да работи зад камерата. Така, добил понуда да раководи со тим и да режира одредени сцени. Тоа му дало дополнителна самодоверба и искуство. Истовремено, тој ќе продолжи со работата со луѓето кои се во иста ситуација во којашто тој бил некогаш, волонтерски обучувајќи млади подложни на ризик и зависници кои се лекуваат, за и тие да ја користат технологијата да се изразат себеси и во тоа да најдат нова цел во животот.
Трејлер за Трејнспотинг 2, кој со нетрпение го очекуваме на 16ти во Милениум
Претходно: Букбокс гледаше - „Гнаса“ (Filth, 2013), правен според третиот истоимен роман на Велш