Уште од првите сцени еден од главните ликови постојано добива нагони за повраќање. Такво чувство, на граница помеѓу смешно и гадно, ве следи од почеток до крај на филмот, кој е опишан и како „психо-драма" и како „комедија", при што не е јасно што е прво, јајцето или кокошката.
Габриел и Елијас се браќа кои не личат по ништо, освен по расцепената горна усна. Кога нивниот стар татко умира, тој им остава ВХС касета на која им признава дека тие воопшто не се негови деца, туку дека се зачнати од ист татко но од различни мајки. Името на таткото е Евелио Танатос, генетичар, експерт за истражување на матични клетки, кој живее на оддалечениот остров Орк.
Браќата тргнуваат на пат, за таму да откријат дека имаат уште тројца полубраќа (сите со истата расцепена уста), Франц Џозеф и Грегор. Низ чудната куќа во којашто живеат, која личи на мешавина од напуштен замок и старовремска болница, шетаат кокошки со делови од телото од други животни, во шталата се чува неприродно голем бик од чија сперма се расплодуваат крави во цел регион, подрумот е закован со штици и влезот во него е строго забранет. На Габриел и на Елијас најпрвин им се вели дека татко им е болен, но тие една ноќ сфаќаат дека тој е одамна мртов, речиси мумифициран среде куп книги, написи и белешки за експериментите што ги правел.
Во тој момент Габриел, интелектуално најспособен од инаку ретардираните браќа, универзитетски професор по (ич не е случајно) социо-биологија, решава да воведе некој ред во заедницата. Тоа е веројатно и клучниот момент во филмот, кој критичарите главно го имаат прескокнато, па се случува во осврт кон него да пишува: „Што се случува во филмов? По ѓаволите ако ми е јасно".
Правилата, меѓу другото, предвидуваат луѓето да не се прекинуваат меѓу себе додека зборуваат, да не се маваат со препарирани лебеди и лисици (инаку честа практика во филмот до тогаш), кажано со жаргонот на современата применета психологија „да комуницираат“, да се чита Библијата, не заради верска поука туку затоа што содржи вредни информации за историјата на човештвото, и - можеби најважно - браќата веќе да не спијат заедно.
Со ова Габриел се обидува да го замени нивниот дотогашен (невидлив, и патем мртов) старозаветен „Бог" во вид на нивниот заеднички татко кој си подигрува со своите креации, да ги замени примитивните нагони со цивилизациски вредности (забрана на инцестот), да направи ред од хаосот. Тоа на крај и му успева, но само откако сфаќа што ги поврзува сите браќа - татко им комбинирал гени од животни со човечки, и користел мајки-инкубатори кои потоа ги убивал. Така, самиот Габриел содржи гени од був (оттаму и неговата мурост), Елијас гени од бик (заради тоа и неговиот хипер-сексуален апетит заради кој мора да мастурбира неколку пати на ден), а другите со гени од куче, глушец и кокошка. Помирувајќи се со животинската природа во секој од нив, тие успеваат да продолжат со животот - филмот завршува како вечераат во весела семејна атмосфера, опкружени со деца - иднината на нашата човечка раса, која е истовремено и животинска.
Гледајте го филмот, ако ништо друго заради оваа поука, а богами и заради Мадс Микелсен (ова му е осма соработка со истиот режисер), кој дури и во ретардирана верзија пак е секси.