Единствениот антрополог на списокот од 50 највлијателни мислители во 2021

На списокот кој го објави списанието Проспект, помеѓу педесет влијателни имиња има само еден антрополог. Таа применува методи типични за оваа дисциплина на поле, кое не е баш типичен домен на антропологијата - финансиските пазари, компаниите и институциите.

Џилијан Тет, антрополог и наградувана новинарка на Фајненшл Тајмс, во периодот од 2005-2007 година извршила етнографско истражување на компанијата за инвестициско банкарство ЏП Морган, меѓу другото интервјуирајќи го тогашниот извршен директор Џеми Дајмон и тесно поврзаниот тим банкари, познати на Вол Стрит како „мафијата на Морган“. Резултатите од ова истражување укажаа на измислување финансиски инструменти кои немаат реална основа и кои можат да предизвикаат длабоки економски потреси. На овој начин таа ја предвиде економската криза oд 2008, а не остана должна и на технолошкиот сектор, кој според неа изгледа слично како и финансискиот пред крахот, во својата ароганција, богатство и изолација од реалноста.

Во книгата од 2010, „Златото на будалиот“ (Fool's Gold) таа опиша што се случувало зад сцените кои довеле до кризата, тајноста на елитните финансиски кругови и банкарскиот свет во сенка. Прикaзната почнува со интензивната „брејнсторминг“ сесија во 1994 покрај базен каде тимот на Морган дискутирал за фасцинантна нова идеја, егзотичен финансиски производ наречен „кредитни деривативи“ - идеја која по кратко време ќе изврши банкарски бум, но и ќе доведе до најголемата економска криза од времето на Големата депресија.

Тет сега има нова книга, „Антро-визија: како антропологијата може да го објасни бизнисот и животот“. Во неа таа го раскринкува митот дека со доволно прецизни и обилни податоци можеме да знаеме сè. Бројките можат да ни кажат што нештото е, но не ни откриваат зошто тоа е така. Антропологијата своите сознанија ги црпи од „меките податоци“ - значењата кои стојат позади различните однесувања, а кои се добиваат со директно набљудување и разговарање со луѓето. Без таквото инсајдерско разбирање на нештата научниците ризикуваат да им наметнуваат заклучоци на другите, притоа правејќи големи грешки и промашувајќи можности за знаења, иновации и легитимитет.

Книгата на Тет се занимава со однесувањата но не само на поединците туку и на организациите и пазарите. Пореално е денешните антрополози да се интересираат за животот во магацините на Амазон отколку за далечните амазонски племиња. Тие веќе имаат извршено истражувања во институции и компании како Џенерал Моторс, Нестле, Интел, анализирајќи зошто корпоративните проекти понекогаш не успеваат; зошто банкарските трговци погрешно ги проценуваат губитоците; зошто пандемиските политики успеваат (или не) и во склоп на тоа, зошто во текот на пандемијата мажите во просек станаа побрадосани од порано (а притоа имаа повеќе време да се бричат). На последново Тет посвети своја колумна во Фајненшл тајмс, која е пренесена и во книгата.

Тет во поднаслов на книгата вели дека една од задачите на антропологијата е да го направи „познатото необично“. Во тоа и успева, опишувајќи ја комплексноста на човечкиот живот, која треба да ја имаат предвид и оние кои носат одлуки и креираат политики, а која е невидлива за алгоритмите и компјутерите.

14 јули 2021 - 14:31