Исландската верзија на „Дракула“ од Брам Стокер долго време се сметала за обичен, малку скратен превод на славниот роман. Но кога истражувачите конечно ја прочитале внимателно, откриле нешто сосема поинакво: книга со нови ликови, поинаква структура, многу повеќе еротика, човечки жртвувања и, можеби најнеочекувано, Дракула кој има амбиции да го освои светот.
Насловена Makt myrkranna („Моќта на темнината“), оваа верзија првпат се појавила во Исланд во 1900 година, само три години по објавувањето на оригиналниот роман. Нејзината приказна, сепак, започнува уште порано – во една прашлива антикварница во Рејкјавик, каде што исландскиот истражувач Асгеир Јонсон случајно открил стар, распаднат примерок од книгата.
Разликите не биле само во имињата: Џонатан Харкер станал Томас Харкер, а грофот Дракула – Дракулиц. Трите вампирски жени од оригиналот се сведени на една, но нејзиното присуство е многу понагласено и еротски експлицитно. Во подрумот на замокот се појавува и сцена со човечко жртвување, во која група чудовишни суштества изведуваат крвав ритуал – нешто што воопшто го нема кај Стокер.
Но најголемата промена е во самиот лик на вампирот. Додека оригиналниот Дракула главно се обидува да ја прошири својата моќ преку крвта и бесмртноста, неговиот исландски двојник има јасна политичка филозофија: силните треба да владеат, а слабите постојат за да им служат. Тој не верува во демократија, организира заговори и планира да ја преземе контролата врз општеството. Неговата вампирска природа речиси отстапува пред ликот на авторитарен, фашистички супернегативец.
Дел од објаснувањето можеби се крие во биографијата на исландскиот преведувач Валдимар Асмундсон. Самоук интелектуалец, познавач на старите исландски текстови и уредник на списанието Fjallkonan („Планинската жена“), тој бил и политички ангажиран либерал. Се залагал за независност на Исланд од Данска, верска слобода, модернизација и права на жените, заедно со својата сопруга, позната активистка за женско право на глас. Во тоа време исландското издаваштво било во подем, а преводите често биле прилично слободни адаптации: се исфрлале долги описи на чувства и љубовни сцени, а се задржувала динамиката на дејството. Сепак, промените во „Моќта на темнината“ биле премногу радикални за да се објаснат само со ваквата преведувачка практика. Се појавило и прашањето дали самиот Стокер имал удел во нив, особено затоа што исландското издание содржело предговор потпишан со иницијалите Б.С., за кој се верувало дека е негово дело.
Токму таа мистерија ја разгорела меѓународната љубопитност. Холандскиот истражувач Ханс Корнел де Рос, кој во 2014 година почнал да го проучува исландскиот текст, заклучил дека станува збор за нешто многу повеќе од скратен превод. Во 2017 година книгата била објавена на англиски, со поднаслов што ја претставувал како изгубена верзија на „Дракула“, можеби создадена со знаење и согласност на Стокер. Но само неколку недели подоцна, шведскиот истражувач Рикард Бергхорн открил дека приказната има уште еден, постар скандинавски огранок. Во Шведска, уште во 1899 година, била објавувана серијализирана верзија насловена Mörkrets makter („Моќта на темнината“). Таа била дури и подолга од оригиналниот роман, а речиси сите необични елементи на исландската верзија – политичките заговори, човечкото жртвување и еротските сцени – веќе постоеле во неа. Исландскиот текст, се покажало, бил скратена адаптација на шведската верзија, а не некаква тајна соработка меѓу Стокер и Асмундсон.
Шведската адаптација била потпишана со иницијалите А.Е., но вистинскиот идентитет на авторот и денес не е утврден. Во нејзиниот наслов јасно стоело дека станува збор за преработка, а не за верен превод на романот на Стокер. Истражувачите откриле и дека мистериозниот предговор потпишан со Б.С. содржи делови преземени од мемоарите на еден шведски свештеник, што дополнително ја разнишало претпоставката дека го напишал Брам Стокер. Денес преовладува мислењето дека Стокер немал директна улога ниту во шведската ниту во исландската верзија, иако истражувањата продолжуваат.
Но можеби најинтересното во оваа приказна не е дали Стокер тајно го одобрил својот скандинавски двојник, туку фактот дека неговиот роман, речиси веднаш по објавувањето, почнал да живее сопствен живот, да се менува и да се спојува со други книжевни и фолклорни традиции. Како што и самиот Стокер ги комбинирал постарите вампирски приказни, легенди и историски предлошки за да го создаде својот гроф, така и непознатиот шведски автор ја презел неговата приказна и ја претворил во нешто друго: политички трилер со вампири, заговори и фантазии за светска доминација.
Слушнато на подкастот Декодер ринг