Традицијата е долга неколку векови - луѓето најпрвин оставале белешки крај гробот на Јулија. Но подоцна почнале да испраќаат асли писма, па во 1990-тите Верона ги добивала толку многу што морала да отвори посебна канцеларија за прием и одговор на нив. „Клубот на Јулија" денес рачно отвара, и исто така одговара, на повеќе од 6,000 писма.
Еве еден пример пристигнат од Индија:
„Драга Јулија,
Лудо сум заљубена. Знам дека добиваш милиони писма со љубовни проблеми од целиот свет. Денес ти пишувам за да ми дадеш сила. Живеам во Индија и моите родители не ми дозволуваат да се омажам за човекот кого го сакам, затоа што е од различна каста. Знам дека ќе морам да се конфронтирам со семејството, и подготвена сум. Само барам малку поткрепа."
Клубот е сместен во мала зграда на излезот од Верона, и во него волонтира мала армија луѓе кои се нарекуваат себеси „секретари". Една од основните вештини кои се бараат од нив е да знаат различни јазици, но и да имаат доволно животно искуство и емпатија за да можат соодветно да одговорат на често сензитивните проблеми изнесени во писмата. Нив ги пишуваат млади студенти, но и баби, разведени, универзитетски професори кои предаваат литература, па и еден балетски играч.
Градот плаќа за поштарината и хартијата, промовирајќи го сопствениот идентитет низ приказната за Ромео и Јулија. Некои од волонтерите го работат ова десетина години, и велат дека тоа што се сведоци на толку многу осама ги прави да се чувствуваат поблиски со човештвото. А човештвото очигледно се чувствува послободно да пише за свој проблем на фиктивен лик, отколку за него да зборува со својот ближен.
Ако имате ваква потреба (за што секако ќе ве разбереме), адресата е:
Club di Giulietta
via Galilei 3 - 37133 Verona ITALY