Британската писателка Венди Џонс го привлече вниманието на јавноста со објава на социјалните мрежи во која забележа дека речиси сите најпродавани романи во земјата оваа недела се засноваат на убиство на жена. Единствен исклучок е романот „Кореспондентот“, кој зборува за уметноста на пишувањето писма. Иако станува збор за различни жанрови – криминалистички романи, историски приказни, психолошки трилери и семејни драми – сите тие ја користат смртта на жена како главен двигател на приказната.
Овој мотив не е нов. Со децении женските жртви се важен дел од криминалистичката литература. Особено по огромниот успех на романот „Исчезната“ на Џилијан Флин, издавачите сè почесто бараат слични трилери во кои исчезната или убиена жена е централниот елемент на заплетот.
Критичарите предупредуваат дека честото прикажување на жени како жртви може да придонесе за нормализирање на насилството врз нив. Од друга страна, интересно е што најголемиот дел од читателите на вакви книги се токму жени.
Според писателката Мел Мекграт, современите криминалистички романи, особено оние напишани од жени, повеќе не ги користат женските жртви само за машките детективи да изгледаат како херои. Наместо тоа, тие често ја прикажуваат женската перспектива и проблемите со кои жените се соочуваат во секојдневниот живот.
Но популарноста на таканаречениот „домашен ноар“ произлегува и од реалните стравови. Статистиките покажуваат дека жените многу почесто се жртви на партнери или членови на семејството отколку на непознати лица, па затоа ваквите приказни им изгледаат блиски на читателите. Слично размислува и американскиот криминолог Скот Бон, кој открил дека многу жени следат вистински криминални случаи за да научат како подобро да се заштитат и навреме да препознаат опасни личности.
Имало и обиди да се промени овој тренд. Едно време беше воспоставена награда, Staunch, за да ги наградува трилерите во кои нема насилство врз жени, но предизвика силни реакции кај јавноста и голем број автори, кои сметаат дека ова не е начин да се регулира за што ќе се пишува и што ќе влегува во конкуренција за награди.