Музичкиот новинар и критичар на Ролинг Стоун, Вил Хермес, ќе пишува нова биографија за Лу Рид под наслов „Лу: њујоршкиот живот".
Неговата амбиција е дури и поголема од тоа да понуди некакви нови, сочни податоци - тој најавува „целосна, дефинитивна биографија". Њујорк е земен како основна позадина на нарацијата, затоа што Рид бил заљубен во овој град, кој го има претворено во своја културна икона.
Претходната книга на Хермес, „Љубовта влегува во запалените згради" (според стих од песна на Токинг Хедс) е исто така посветена на њујоршката сцена од 1973-1977, период од пет години кој според него ја променил музиката засекогаш. Таа е посветена на личности кои „ја деконструирале музиката, и повторно ја изградиле за новата ера", која всушност никогаш не пристигнала.
Меѓу нив се Рамоунс и Њујорк долс, минималистите- композитори од типот на Филип Глас и Стив Рајх, пост-Колтрејн џезерите Дејвид Мареј и Ентони Брекстон, сите според него млади иконокласти на работ на мејстримот. Симпатијата и приврзаноста кон овие уметници кои се обидувале да го најдат својот пат „заглавени помеѓу заградите на историјата" се очекува да зрачи и од страниците посветени на Лу. Датумот на излегувањето засега не се соопштува, но се знае дека издавач ќе биде Farrar, Straus&Giroux.
Својот имот Лу Рид го остави на сестра му и на сопругата Лори Андерсон, која изјави дека тој умрел „додека гледал во дрвјата".