Во здраво тело, здрав панк

Дали Џо Страмер навистина трчал маратон?

Спортот изгледа како нешто кое не може да биде поспротивно од панкот, и како идеја и како практика. Дисциплината и физичката подготвеност која ја подразбира трчањето маратон, пак, никако не ни одат нога пред нога со ликот и делото на Џо Страмер. А можеби цело време тука некој лажел.

Во клипче од документарецот „Џо Страмер: иднината е ненапишана" тој самиот опишува случка од 1982, кога пред излегувањето на албумот „Комбат рок" менаџерот на Клеш, Берни Родс, предложил Страмер да исчезне на некое време во Остин, Тексас, колку да се направи некаква ука-бука што би ја зголемило продажбата. Ама наместо во Остин, Џо заминал за Париз без никого да извести, претворајќи ја измамата во вистина. „И го истрчав парискиот маратон", вели тој патемно во филмот, како да зборува дека пиел кафе под Ајфеловата кула. Наводно, значи наводно, тој и неговата девојка Габи Салтер го завршиле маратонот за неверојатни 3 часа и 20 минути, а режимот пред трката им се состоел од пиво и нетрчање.

Парискиот е сомнителен (каде им се бројчињата на фотографијава?), но затоа Лондонскиот маратон Страмер сигурно го истрчал, и тоа за пофални 4:13. Луѓе што го познавале во тој период тврдат дека тој навистина воопшто не тренирал, туку дека трчачкиот „вирус" го имал заразено претходно, кога тоа му била единствената забава во осамените школски денови минати во интернат. А можеби некои луѓе едноставно имаат дарба за трчање, и истовремено за музика.

Па кога веќе имаме повод..

 
2 септември 2014 - 09:27