Човекот кој за љубов возеше точак 123 дена од Индија до Шведска

Документарецот на Оскаровецот Орландо фон Ајнзидел, кој се прикажуваше на неодамна завршениот Македокс, ја раскажува неверојатната вистинска приказна за индискиот уличен уметник П. К. Маханандија, кој во 1977 година тргнал со стар велосипед од Њу Делхи кон Шведска за повторно да се сретне со жената во која се вљубил. Но зад романтичната авантура се крие и приказна за кастата, самодовербата, случајните средби и добрината на непознати луѓе.

Орландо фон Ајнзидел е добитник на Оскар за најдобар краткометражен документрец во 2017 за „Белите шлемови“, посветен на сириските доброволци кои за време на граѓанската војна во оваа земја ги спасувале погодените од воздушни напади. Неговиот најнов филм, „Циклусот на љубовта“, е малку поинаков од неговите досегашни остварувања. Наместо војна, катастрофа или општествена криза, овојпат тој бира приказна во која, како што самиот вели, намерно нема цинизам: за љубовта која ги надминува границите - и оние физичките и оние човечките, на сопствената мотивација и издржливост. 

Во средината на 1970-тите, Прадиумна Кумар Маханандија или Пи-кеј, бил талентиран цртач од сиромашно семејство во Одиша. Но како Далит, припадник на група која е на дното на индискиот кастински систем, уште од детството се соочувал со понижувања и со неможност формално да студира уметност. Подоцна се преселил во Њу Делхи, каде што успеал да се запише на тамошниот Уметнички колеџ и заработувал цртајќи портрети на локалци и туристи под фонтана во прометен дел од градот.

На 17 декември 1975 година, пред него за портрет седнува Лота, млада Швеѓанка која, понесена од хипи-бранот во тоа време, патувала 22 дена со комбе до Индија. Средбата била кратка, но доволна за двајцата да се вљубат. Особено затоа што Пи-кеј во неа ја препознал онаа што му била „судена“ уште од дете - неговиот дедо на палмин лист запишал дека тој еден ден ќе се ожени со жена која нема да биде од неговото место, па дури ни од неговата земја; ќе биде музикална, ќе биде родена во знакот на бик и ќе поседува „џунгла“. Лота била родена во мај, свирела пијано и флејта, а нејзиното семејство поседувало шуми во Шведска. 

По романтичните денови поминати со Пи-кеј, таа се вратила дома, а двајцата продолжиле да комуницираат со писма. Но ова не било доволно за него. Неупатен во географија (знаел само дека Шведска е на запад), тој купува половен (женски) точак и тргнува на пат од речиси 10.000 километри. По пат наидува на различни предизвици, но и на луѓе на кои трогнати од неговата приказна сакаат да му помогнат, со авионска карта или со билет за воз, но и со скромна вечера или барем со морална поддршка. 

Режисерот користи фотографии, реконструкција со актери и посета на реалните места, како и интервјуа со реалните ликови. Дали на крајот филмот ќе ви биде нетфликсовски лимунадест или мотивациски, зависи од вашето ниво на стекнат цинизам. Но тоа нема да влијае врз фактот дека по педесет години, Пикеј и Лоте се уште заедно.

31 август 2026 - 14:05