Акција

Читањето е јавна работа

На денот кога во нашиот градски парк ќе се одвива „Види музика, слушни слика, добиј книга" и во Белград ќе почне интересна акција за промовирање на читањето на јавни места.

По повод 20-годишниот јубилеј на една од најголемите српски издавачки куќи, Геопоетика, чиј директор е познатиот писател Владислав Бајац, а во соработка со Градското зеленило на Белград, денес во шест паркови во центарот на Белград ќе започне акција чија цел е промовирањето на читање во паркови, во автобус, во кафана...глетка која и кај нас е ретка.

Идејата е за клупите да се закачат различни книги од овој издавач - секако на начин на кој е невозможно да се украдат - и на тој начин да се овозможи секој кој ќе седне на клупата да прочита барем дел од нив. Официјалниот почеток е во паркот Ташмајдан, каде со книги ќе бидат опремени клупите на главното шеталиште, од црквата Св. Марко до фонтаната кон малиот Таш. Освен на оваа локација, книги на клупи ќе бидат оставени и на Калемегдан, паркот Мањеж, Пионерскиот парк, паркот крај домот на Народното собрание, и Студентскиот плоштад.

Геопоетика по повод јубилејот издаде и манифест во кој се вели дека и по толку време тие се чувствуваат како на почетокот, и тоа не само заради отсуството на средства, туку заради срамот од потребата за духовна храна, која сиве овие години не само што исчезнал, туку и се зголемил. „Хана Арент вели дека таму кадешто секој лаже за сè што е значајно, оној кој ја кажува вистината почнува да дејствува. Ние веруваме дека таму кадешто владее шундот, конзервативизмот и некултурата, оној кој гордо чита почнува револуција", се вели во Манифестот.

20 јуни 2013 - 15:20