Библиотека без книги

Ако вашата идеја за библиотека е онаква голема сала со полици фино наредени со томови книги по азбучен ред и по жанрови, тогаш наскоро ќе треба да си го преиспитате концептот. Наскоро - за едно сто години.

За да оди во чекор со технолошките иновации, локалната управа на Сан Антонио решила да отвори библиотека - Bibliotech - во која ќе има само ЛЦД монитори и читачи на електронски книги, наместо традиционалните на хартија. Тоа ќе биде една од ретките ислучиво дигитални библиотеки, со 50 компјутерски терминали, куп лаптопи и таблети, како и претходно наполнети е-ридери кои членовите на библиотеката би можеле да ги позајмуваат за дома.

Целиот проект чини 1,5 милиони долари, но властите сметаат е значаен пред сè затоа што ќе им даде технолошки пристап, особено на жителите на посиромашните од оваа област, главно од хиспанско потекло.

Вакви иницијативи имало и претходно - во 2002 година беше отворена целосно дигитална библиотека во Туксон, Аризона. Но неколку години подоцна корисниците побарале на колекцијата да се додадат „вистински" книги, што е и направено. Токму овој пример покажува дека можеби луѓето се уште не се подготвени целосно да се откажат од физичките книги, и дека идејата за исклучиво дигитални библиотеки е преуранета.

Освен тоа, тука е и прашањето на обуката на постоечкиот персонал во библиотеките, како и фактот што не сите книги се издаваат и во електронска форма, а и оние кои кои постојат често на библиотеките им нудат нереалистични цени. Предвидувањата се дека за сите библиотеки да бидат целосно дигитализирани треба да поминат 100-150 години.

18 јануари 2013 - 14:12