Визуелизација на пребарувањето

Библиотечна уметност

Нова инсталација во една локална библиотека во Вајоминг ја визуелизира колективната љубопитност и прашањата на посетителите кои ги пребаруваат нејзините каталози преку динамична и интерактивна скулптура. Или во превод...

Секогаш кога некој посетител на библиотеката во Тетон каунти пребарува во електронскиот библиотечен каталог, инсталацијата Filament Mind (Мрежест ум) го осветлува и обојува оптичкиот кабел низ кој тече информацијата. Секој од 1000-те оптички кабли кои висат во големата библиотечна сала (со должина од отприлика 8 километри) соодветствува на број од универзалната децимална класификација на Дјуи, стандардот на организирање на библиотечните збирки во отприлика 1000 категории знаења. Имињата на овие категории тогаш се прикажуваат како текст на јужниот и северниот ѕид на салата, на крајните точки на фибер-оптичките кабли.

Библиотеките во текот на историјата ги врежувале имињата и зборовите на големите умови во камен, но оваа библиотека се обидува да им овозможи на нејзините посетители жива, визуелна архива на нивните прашања. „Мрежестиот ум" е буквално умот на библиотеката, но индиректно и на заедницата која ја користи. Инсталацијата е базирана врз идејата дека уметноста, доколку сака да ѝ се обраќа на јавноста, треба да покаже како идеите се трансформираат преку срцата и умовите на заедницата, и како врз нив влијае просторот.

Еве две видеа кои го објаснуваат процесот. Чисто информативно, УДК бројот за еротска литература е 808.803538.


9 март 2013 - 09:34