Компанијата AT&T му пристапила на Херцог со молба да направи серија кратки филмови во кои би ги предупредил луѓето во врска со опасностите од користење на мобилен дур се вози. „Кога го чув предлогот нешто кликна во мене. Јас воопшто не сум склон кон пишување пораки, а пак најмалку додека возам, но гледам дека нешто се случува, во цивилизацијата која нè мава со сета нејзина жестина", изјавил Херцог за АП.
До сега Херцог сме го гледале како режира филмови за гризли мечки (The Grizzly Man), пештерски слики (Cave of Forgotten Dreams) или за среќните луѓе од тајгата (Happy People: A Year in the Taiga), а неодамна режираше клипче за да му помогне на пријателот да си ја промовира солта. Сите ги препорачуваме заради нивната документаристичка, но и естетска вредност. Но најновиот филм би требало да има пред сè силно предупредувачка порака. Така мислат и од АТ&T кои овој 35 минутен, прв филм, го дистрибуирале до повеќе од 40,000 средни училишта и бројни организации кои се грижат за безбедноста во сообраќајот, како и до владини органи.
Филмот следи четири несреќи, и судбините како на жртвите и на нивните семејства, така и на причинителите на несреќите. На моменти е вознемирувачки, но треба да се погледне. Oд цивилизациската гледна точка за која зборува Херцог, посебно е трогателна приказната за Амишите.