Банкси е познат по користењето јавни простори за неговите провокативни мурали, а овој пат тој постираше слики за кои вели дека се направени во појасот Газа. Истовремено, направено е и двоминутно видео за животот на палестинските територии, со наслов „Нека ова биде година кога ВИЕ ќе откриете нова дестинација".
Еден од муралите претставува слатко маче, за коешто Банкси вели: „Еден локалец ми пријде и ме праша што значи ова. Објаснив дека сакам да го нагласам разрушувањето на Газа со објавување слики на мојот сајт - ама дека на интернет луѓето бараат само слики од мачиња".
Втората слика е рингишпл направен на затворска кула. „Газа е често опишувана како 'најголемиот светски затвор на отворено', бидејќи никој не може ниту да влезе ниту да излезе. Но ова изгледа нефер во однос на затворите - во нив не се исклучува вода и струја секој ден", вели Банкси.
Портпаролката на уметникот не открива каде точно во регионот се направени графитите, но излезе со соопштение во кое се вели:
„Кога цели населби се срамнети со земја без надеж за иднина, она во што реално гледате е голем центар за регрутирање терористи. Сите треба да се позанимаваме со ова, за наше добро".
Банкси и претходно правеше дела со политичка содржина, а во 2005 и 2007 го „украси" контровезниот израелски ѕид на Западниот брег. Во неповрзан инцидент деновиве беше оштетен негов мурал во Хамбург, под наслов „Гушкач на бомба".