Францускиот правопис е ноторно тежок за учење, со сложени правила и долги записи дури и за кратки зборови и изрази (aко знаете на француски да напишете „што е ова?“ без грешка, половина јазик ви е веќе совладан). За да ги мотивира, особено младите, да станат подобри во пишувањето, писателот Рашид Сантаки во 2013 ја воспоставува програмата „Огромен Диктат“ (Dictée Géante). Меѓу стотиците настани кои од тогаш ги има организирано спаѓа и рушењето на рекордот за јавен диктат, одржан на националниот фудбалски стадион во Париз, на којшто учествувале 1700 луѓе.
Најновиот предвидува францускиот вселенски инженер и пилот Томас Готје Песке, кој од април 2021 е на втора шестмесечна мисија во Меѓународната вселенска станица, да прочита извадок од романот „Ѕид кон Пацификот“ (Un Barrage contre le Pacifique) на Маргерит Дирас. Читањето во живо ќе може да се следи во Аеро-вселенскиот музеј во Париз а снимката на 11 септември ќе биде емитувана на радио програмата на Франс Култур, со повик до заинтересираните да бидат покрај радијата и да се фатат за пенкалата.
Вообичаено еден натпревар организиран од „Огромен диктат“ изгледа вака: откако ќе пристигнат сите присутни се читаат извадоци од француска литература во траење од 30 минути. Потоа волонтери ги собираат ливчињата и ги корегираат, со објаснување на одредени граматички и правописни правила. Победникот е оној со најсовршен диктат. Наградата не се соопштува однапред за тоа да не биде мотивот за доаѓањето.
Но очигледно луѓето се мотивирани и без големи награди - кога на социјалните мрежи бил најавен првиот голем диктат пристигнале 10.000 регистрации за 24 часа. Пријавените биле од различни социјални групи - ученици, студенти, родители, градежни работници, наставници. Откако го сфатил големиот интерес Сантаки почнал да организира и помали Фејсбук настани, кои и денес се одржуваат секој понеделник во 10 наутро.