Како да им се приближат често комплексните теории од областа на лингвистиката или на политичката теорија на оние кои не се специјалисти во оваа област? Како да се претстави како обичен смртник некој кој е издигнат на ранг на интелектуална икона?
Ова биле предизвиците со кои се соочил Гондри кога одлучил да направи филм за Чомски. „Дали високиот човек е среќен" (премиерно прикажан во САД на 10. декември) се базира на спокојни и долги дијалози помеѓу него и Чомски, за филозофијата, јазикот, животот и љубовта, кои тие ги воделе во тек на неколку средби.
„Мојата намера беше да ја покажам неговата човечност, затоа што сметав дека ако луѓето го видат како таков, ќе бидат поподготвени да слушаат за неговиот живот и политичките аспекти на она што тој има да го каже, за политиката и животната околина", вели Гондри. „Важно е да го направиме светот подобро место за живеење, ако веќе не можеме да го спасиме".
Анимацијата е една од пасиите на режисерот - тој за овој филм ги правел цртежите рачно во тек на три години, кадар по кадар, минувајќи голем број непроспиени ноќи во неговиот стан во Бруклин и претворајќи ги зборовите на Чомски во серија анимирани секвенци, и на крај во филм во траење од час и половина.
Двајцата прв пат се сретнале во 2005, кога Гондри престојувал како уметник на универзитетот MIT, каде предава Чомски. И додека Гондри бил веќе добро запознаен со идеите и ставовите на професорот, Чомски претходно не знаел ништо за ликот и делото на неговиот соговорник. Сепак се согласил на неколку разговори откако бил импресиониран од карактерот на Гондри и прашањата кои му ги поставувал. За филмот вели дека е направен со „прекрасна смисла за деликатност и суптилност", иако содржат и детали за приватниот живот на Чомски, како неговиот однос со сопругата Керол, лингвист од Харвард која починала во 2008. Сепак она што доминира се интелектуалните прашања (и одговори), или просто зачуденоста пред сложеноста на светот. На едно место во филмот Чомски вели: „Знаењето доаѓа од поставување прашања..Ако не сте љубопитни ќе останете само реплика на нечиј туѓ ум".