Здраво. Последниве две недели, времето е за никаде. Мене, одамна ме нема. Ова му доаѓа нешто како дневник. Да.
26 јануари
Македонија да ти била со најлошо здравство во Европа и едно од најлошите во светот. Глупости! Лаги и клевети! Виделе како министерот Тодоров го оправа здравството па му завидуваат и го мразат. Па, нели тој воведе прописи медицинските сестри да се облекуваат пристојно (оти претходно сите носеа саде чипка и штикли и црни чорапи)? Воведе! Нели лови лекари што спијат на дежурство и пациенти што пушат по собите? Лови! Нели матичните лекари повеќе од пола работно време пополнуваат формулари, а не како порано само да губат време со пациенти? Пополнуваат, да! Нели ги избрка сите лакоми и неспособни лекари од државно па отидоа да мизеруваат на приватните клиники или во странство, а државно останаа само најспособните и најдобрите? Ги избрка! Нели сите млади лекари што се чаталат и не им чини во РМ учат германски? Учат! Нели Никола Т. - универзалниот носи странски лекари-стручњаци што сошиваат стручно? Носи, и сошиваат стручно! Епа? Што има нејасно?
29 јануари
Дали има друга земја каде штрајкбрехерството е легализирано и поддржано? Каде на луѓето отворено им се кажува дека се никој и ништо и дека секој е заменлив? При толкава невработеност секогаш има луѓе што ќе работат и за помали пари... и тоа ги има со лопати да ги ринеш. И дали некој се запрашал како им е на тие кутри, „заменски" луѓе? Би оделе ли тие на „замена" да не мораат?
30 јануари
Има една домашна басна: Си бил некој врабец и биле цело село врапчиња и на врабецот му дошло време да се жени со една врапка. Кога, баш на денот на свадбата, дошол еден стар сокол и ја кренал врапката во воздух... ја оскубал и расчеречил... и ја изел. А врабецот младоженец и сите други врапци се разбегале и испосокриле кој кај стигне. Излегува најпосле врабецот-младоженец и вели: Мислев да му скокнам кога ја грабна невеста ми, ама си викам... ај, да не ја правиме голема.
Кажете им ја на сите Македонци, независно од пол и возраст, белки ќе се охрабрат некогаш да сторат нешто... пред да умрат. Оти кај нас и луѓе од по 80 години си молчат и ја таат вистината, за да си немаат проблеми.
П.С. Сите ќе умреме, еден ден, ама работата е што правиме додека дојде тој ден. Стравот го убива животот. Да.
2 февруари
Гледам на вести, по повод вчерашната дебатно-пропагандна емисија за скандалот со „државниот удар", ЗНМ изјавило дека МPТВ информира крајно необјективно и селективно и навива за партијата на власт.
МPТВ одговори дека е „згрозена" од таквите неосновани обвиненија на ЗНМ и вели дека не е точно. МPТВ информира објективно, непристрасно, неселективно и не држи ничија страна.
Овие од ЗНМ се лоши и никакви луѓе и им завидуваат на новинарите од јавниот сервис. Место да се угледаат на нив, во професионална и секаква смисла, само нешто лаат и лажат. Страмота.
3 февруари
Крајната намера на струмичанецот е многу јасна. Прво, сакал во соработка со странските служби и надворешниот непријател да провали во владата и од еден сеф таму да го украде името, а потоа да се пазари и да го продаде истото на онаа служба што ќе даде повеќе. Што ќе плати повеќе. Повеќе пари.
Има докази дека закажал лицитација за името и таа требало да се одржи на 17 април во с. Дабиле, струмичко.
Името, по претрпениот стрес е во добра состојба и се наоѓа на бањско лекување во еден од нашите патриотско-пензионерски спа-центри. Се очекува наскоро да се врати во нов сеф на нова локација. Повеќе детали не објавуваме од безбедносни причини.
Името, името не го даваме.
6 февруари
Турбо-патриот
Јasum turbopatriot
sakam skara i nafora
I PEVALJKA TENKA VISOKA
a ne mala i debela
imam tetovazi super
i se sisam nularica
vezbam bilding teretana
pijam pivo ем rakija
i spremam magistarska
slusam Ceca, Saban, Aca
i Suzana Spasovska
ne sum prost,
pisuvam - strogo brat latinica
UUU - AAA
Makedonija – Makedonija!