Си копкам еднаш така во дворот јас, ама оригинал двор со земја, лоза и овошки, на Скопска Црна Гора, и поминуваат некои типчиња пензионери сè што знаат, и јас наведнат, тие исправени, и преку оградата почнуваат да ме учат:
-Треба убаво да го скопаш лозјето, не може така. Трева ти фатило. Фати и онде.
-Каде бе пријател?
-Ене онде бе, види! И јаболката, види кај отишла? Што ќе ти е толкава? Фати скрои таму. Ама млад си, не знаеш.
И почнува предавање за тоа како треба и што треба... и како тие знаат... и така. И му викам јас на тој едниот уста што не затвори:
-Te прашав нешто? Ако многу знаеш, ела ваму и фати работи. Ќе ти дадам некои тренерки... и мотика... и ТИ копај! Што ми мрчиш преку ограда кога толку знаеш, ела, оди ваму да те видам!
Двајцава се погледнаа, едниов му вика на другиот „Остај, чуден е"... и си наврвија по патот. А јас ги гледам лошо, ако евентуално се свртат назад.
Си пишувам јас така, си типкам по фб што ќе ми дојде, и ќе ми дојдат некои коментатори да ми се прават паметни (а постот јавен). Ко ќе фатат со тоа зајадливите коментари, па ќе се распишат сè и сешто... О, куку. Сè да се знаело: и поезија и историја и морал и етика и книжевност и квантна физика... ем си знаат, ем на друг памет продаваат. Пола од нив – полуписмени. Дај бе, откачете ми се, ако имаш нешто да кажеш, оди си кај тебе, пишувај си што сакаш, само остави ме на мира и не ми го грди денот! Така им мислам, а некогаш и им кажувам.
Од овие има и бетер. Ко ќе се најде некогаш некој ептен безобразен и шуга човек (или жена) и ќе ми напише навреда со понижувачки збор или недајбоже пцост – му одам право во инбокс и му пишувам – „Ќе те најдам и ќе те ликвидирам, животно едно закржлавено" – или нешто во тој стил. И после ги нема.
И колумни кога сум пишувал се наоѓаат секакви пациенти. Тоа уредниците по весниците многу сакаат да објавуваат отровни коментари, за да имаат читаност. Еднаш, еден во Нова Македонија ми напиша: „ Абе ти што знаеш, види се каков си со тоа брадата. Како Арапин. Или комита. Ти ќе ми кажуваш. " А текстот беше за ономастиката на личните имиња во Македонија. Каква врска имаше коментарот со текстот, не знам, а не е ни битно.
Кај нас, тоа е така. Таков народ сме. Секој втор се чувствува паметен и кадарен за давање совети и мешање во туѓи работи. Меѓу научна дебата и кафанска расправија – нема голема разлика. И ако се немаат аргументи, главно е соговорникот да се надвика... и некако лично да се навреди. Некои квазидебатни емисии кај нас, особено во предизборијата, заличуваа на Џери Спрингер шоу. Тоа на времето. Од друга страна пак, сега, дебатни емисии некако слабо има... медиумиве се малку упрпани и малку досадно прорежимски расположени. Па дури ни К-15 веќе никој не сака на програма да ги стави... Работите малку како да отидоа ауфидерзен.
Анегдот: Ми текнува, кога Томпа и Аце Дебелото се расправаа на времето пред „Рамче" за тоа дали десетобрзинец има две ѕвезди напред и пет позади, или пет напред - две назад, толку силно се дереа еден на друг, си се внесуваа в лице со ококорени очи и го правеа другиот будала и ненормален, што цело маало ги слушаше: „Па ти си бил луд. –Ти си ненормален бе, будало! –Слушај го шо збори, бе... леле ама си глуп! Како може да си толку прост..." ... и слични пројави на силни аргументи во плодната дискусија.
На светов има многу луѓе што се прават паметни. Некои од нив и се. Збор да нема. Ама умот не може да се сокрие и од него ништо да не излезе. И за тоа збор да нема. Еве, во врска со умувањето, може јас би сакал да одам со Барак Обама на квиз по општа култура, и кој победи, тој нека е претседател на Ју-Ес-Еј. Јас би сакал, да, ама не верувам дека тој би прифатил. Што ќе му? Глупаво е да се споредуваш со такви фаци. Затоа, гледајте си ја работата, пријателите и животецот, и не обесувајте многу! Поздрав.
П.С. Ова, бавчава на Офф.нет, си е таква каква што е. Добро е што нема коментари од такви што сè знаат и секому имаат што да му кажат. Ако нешто мразам, тоа е некој да седи отстрана со скрстени раце и да дели ум. Ама ако, мора и такви да има.