Праздновение

Празднујем праздников

Празниците не мора да се празни.

По канонадата праЗНици (Нова година, па Божиќ, па пак Нова година, па пак и пак Кинеска нова година, па Трифунтин (чудниот њуејџерски микс на чоколадо и вино) по којшто следи речиси, за жал, подзаборавеното Сретение (среќа произлезена од средба - фонетски среШТа-среЌа, како свеШТа-свеќа), би исправил една јазичка неправда произлезена од мрзливоста на јазикот што го претворила празДНовението во праЗНување.

ПраЗНик денес се сфаќа како ден испразнет од работа (јужнословенското „недела" наспроти грчкото „кирјаки" - ден Господов и руското „воскресение" за истиот ден - збор што чудесно преживеал 70 и кусур години милитантен атеизам) што знае да се вметне среде работната седмица. Но, гледано временски и вечносно, работите се малку поинакви.

Од нашата „постхристијанска" перспектива („после христијанска" поради наводниот секуларизам/световност во животот) празниците ги сфаќаме здраво за готово - отсекогаш биле или можеме да се сетиме кога биле воведени. Арно ама, тоа е баш христијанско сфаќање на празнувањето, затоа што пред Христа („п.н.е." по комунистички) времето не се сфаќало баш исто како сега. Како прво, не се сфаќало праволиниски (со почеток и крај), туку тотално кружно (она што денес се вика „старогрчко" всушност е исто како индиското сфаќање на времето како вечно кружење на исто па исто па исто - плус судбина/кисмет/фатум и умилостување на стотици илјади малку незгодни богови за секој случај - да не би килото колбаси жртвувани за Дионис налутило некој гладен месождер таму на небото, па да ти акне заушка ничим изазвано - најдобар осврт на оваа тема има Тери Прачет во „Мали богови“ (Small Gods). Верата на некое таму си племе на маргините на големите царства дека има еден Бог што направил почеток и ќе направи крај им изгледала тотално мрднато на нашите сочовеци пред некое илјадалетие. А концептот дека еден ден во седмичниот циклус (четвртина од циклусот на кружењето на месечината/луната околу земјата) треба да се посвети на некоја фикс-идеја за тотално семоќно суштество така што ќе се прекине економскиот тек... непоимлива. Е, арно ама, тука улетува цар Константин со озаконувањето на тогашната „безбожничка" христијанска вера како рамноправна, па малку по малку - влегувањето на револуционерниот концепт на разбивањето на работата со неработни денови во животот на луѓето.

И така, Сабатот на Евреите станува еден задолжителен ден за одмор на сите во „вселената" (тоа е име за целиот познат населен простор на земјата во древноста), ама во ПРВИОТ ден на седмицата, денот на воскресението. Првичниот отпор на аристократијата брзо се стопил откако забележале дека ефикасноста на работната сила (слугинска, робовска, којагоде) некако се зголемува ако ги оставиш малку да здивнат. И си влегло тоа во секојдневниот етос. После тоа се претвора во вметнување неработни денови и лево и десно (пракса и на денешните власти - ако мислите дека во Македонија има премногу празници, треба да го видите календарот во Велика Британија (Обединето кралство, како ли се вика веќе). Тие имаат „боксинг дејз" (тоа е кога празник ќе падне во недела, па се префрла во понеделник), односно неработни денови натемпирани строго во понеделник и кога банките не работат. А кога банка не работи, баце... тотално е „боксинг деј". Инаку, ова е сега прекрстено во „бенк холидеј" - банкарски празник, но...

Ако се разложи зборот „празДНик", се добива значењето на „поразување/разбивање на секојдневието" - раздневување, така што се вметнува некакво повисоко значење во тој ден, односно така што се обележува допирот на вечноста со времето (ова важи и за црковните и за државните празници - секогаш е нешто што треба вечно да се памети, од оваа или онаа причина). Арно ама, денес, поради она „времето е пари" (времето испарува? хммм...) и трката по лебот наш насушен, животот некако е претворен во исчекување празници (кога ќе подразмислам, најголем празник е всушност петок вечер, после следува викенд-замор). И кога милијарди луѓе ќе вметнат свои очекувања во само еден ден, исто е како лото... 99,9% посто губат, еден добива, а останативе остануваат разочарани и некако... испразнети... од надежта за нешто.

Чарето... да се сети човек дека поразеното секојдневие е поразено од допирот на времето со вечноста, односно со повисоките вредности на коишто човек треба да се посвети тој ден. Ако заседнеме и се запиеме на маса, ко издишана гума стануваме. Ама, ако се уштекаме у вечниот генератор - станува малку поинаку...

Сево ова води до еден многу фин празДник што ни следи - Сиропусна недела, почетокот на Великиот пост, неделата на простувањето. Свети Павле советува „да не нѐ зајде сонцето во гнев", т.е. да нема вечер да останеме непростени со некого, ама бидејќи луѓето се малце подзаборавени, ставен е еден светол ден кога цел свет се потсетува да се види со оној што не може со очи да го види (старословенскиот збор за некој што те мрази/го мразиш е „ненавидјашти") и во тој поглед сѐ лошо да се избрише. Тогаш неделата ќе стане воскресение и ден кога на срцето му е лесно (како во недела сабајле на дечкине погоре) и „сека недела Велигден" - што би рекла Марие од песнава.

28 февруари 2014 - 20:17