Не сум кроена за празници. Ми делува како светот да стои во место. Не сум сигурна кои места работат, ако ти затреба боја за торта во 5 до 12 најблискиот супермаркет прави попис, сите ги зборат истите работи, праќаат циркуларни пораки и многу ретко си кажуваат искрени и лични убави зборови. А сепак, кога ќе се случи последново, и сите имаат време да се видат и да испијат кафе, излегува дека штотуку испративме еден баш убав период.
Од спремните фрази „сè што ќе посакаш да ти се исполни" и „па да те мажиме годинава", ќе ги замолам сите драги и помалку драги луѓе да се задржат на првата. Пошто, ако ми е желба да се омажам, нели, ќе го покриеме тоа и со првата честитка. Зашо толку сакаат да ме мажaт?
Мислам, јас веќе убаво си испланирав што ми посакуваат кога ќе ми речат „сите желби да ти се исполнат". Покрај основните здравје, среќа и љубов, испланирав дека треба да одам во Париз во јуни, дека ми треба кола, пошто немам - а ми фали, ми треба и шипка за вежбање и сакам да довршам некои активности почнати во 2013. Како да избалансирам и време и трошкови ако инсистираат да се мажам? Не им е жал?
Разбирам ја дека добро ми мислат. Со тоа ми посакуваат стабилност и среќа, сопатник и другар, љубов и секс. Тоа се фини желби, него мене ми е малце гад од тие што едвај чекаат да те стават у брачна фиока како не би им се нарушил концептот за тоа како животот треба да изгледа. А од бракот ни љубов, ни среќа, ни стабилност - од две причини.
Прва, не се и не биле во брак.
Втора, се, ама нешо не е баш фино таму.
Најстрашни се тие што инсистираат на својот благослов.
-Ајде, се најубаво, сите желби исполнети, па и да те мажиме.
-И тебе се најубаво, мажење понатака.
-НЕМА ПОНАТАКА, годинава да се вериш.
-Ама јас имам други планови за годинава.
-Е КАКО, ПА ВРЕМЕ Е ВЕЌЕ?!
-Океј, среќна нова година и све.
Според интензитетот на инсистирање, треба да заклучам дека е тоа стварно многу, многу битно. Кога би можеле луѓето да искочат малце од сопствениот светоглед и да сфатат дека немаат сите исти вредности и желби. Зашто нема желби на пример, оваа година сите долгови да ти ги вратат! Ај за многу години, па да си купиш стан годинава! Во 2014-та да одиш во Лондон, кога веќе сите ги удави со спремање последниве неколку месеци!
И долгогодишното набљудување зборува дека немаат крај овие работи.
Веридба. Почнува расипана плоча за свадба.
Ај нека ви биде. Свадба! Почнува расипана плоча за раѓање.
Ајде добро. Дете! Уште еднаш плочата, за второ (да не е само, да има со кој да си игра, а што па не трето, деца се богатство).
Тука некаде запираат плочите, затоа што понатамошните гњавења во животот не се толку постојани, вечни и сеприсутни како колективната желба за туѓа свадба.
А Ведрана (колку е умна), вака рече:
„Brak je institucija koja pomaže državi da svoje podanike drži pod kontrolom. Rodi, digni kredit da bi mogao kupiti stan, robijaj da bi mogao djetetu kupiti cipelice... Samo udvoje moguće je služiti državi onako kako ona to od roblja očekuje. Ljudima je dopizdilo. I ropstvo i priča kako postoji ljubav „dok nas smrt ne rastavi". Bračna ljubav traje dok dvoje ljudi imaju dovoljno love da se oženjeni ili udani veselo drapaju izvan braka. Rastava braka je danas brza, očekivana i događaj koji bračne drugove više raduje od svadbe. Doduše, sve manje ljudi ulazi u brak jer je ta zajednica besmislena. Čemu robijati udvoje kad možeš sam ili sama biti koliko-toliko slobodan. Potreba za slobodom nije k nama došla sa Zapada. Nije vrag da mislite kako nas samo Zapad može prosvijetliti?“
Океј, Ведрана е малку построга од мене, јас не ја презирам оваа институција. Напротив, симпатично е да имаш со кого да се смееш и по кого да се дереш, а и колку тоа шанси во животот ќе имаш за огромни фустани? За тоа дали баш стварно за тие финоќи ти треба и ливче од матичар, во некоја друга прилика, можеби... Ама дефинитивно меѓу вас брачно освестените, најмногу ве сакам тие што не ме давите.
Сепак, решив, дека не можам да победам овде и дека се предавам. И тоа не значи дека сепак ќе се верам до крајот на годинава. Тоа поима немам. Тоа значи дека кога ќе чујам захтев за мажење, ќе се приклучам кон ентузијазмот. На глава ќе му се качам на душебрижникот, да му се смучи од моите брачни планови и љубавни дешавки. Па да бега од мене следниот пат кога ќе ме види, да вика „еве ја оваа, пак ќе замара со мажење". А ја раат, у новата кола.
Посакајте ми.
Јана