„Гневот, божице, спеј го на Ахила, синот Пелеев,
пустиот гнев што им задал н'Ахајците безбројни болки"
Гнев. Емоција која ја потопува Македонија во моментов. Емоција која секој од нас ја чувствува кон себе. За оние кои знаат што правеле, гневот е затоа што „царот им е гол" и нема назад, па се гневни за погрешно одиграните потези и бахатоста која дозволиле да ги понесе, заборавајќи како е да чекаш на црвен семафор кога твојот е секогаш зелен. Првите утехата ќе ја најдат во вербата во своите идеали и гледањето на глобалната слика која ја креираат и која оние, другите, не ја гледаат - верувајќи дека времето ќе ги оправда.
За оние кои го соблекуваат царот, гневот е наталожен низ сите години во кои бивајќи свесни за сопствената немоќ, од најчисто човечки причини – се работи за мрзеливост, немање (капацитет за) стратегија – во себе чувствуваат, знаат дека нема да победат за сопствена заслуга и со ловориките за сопствените дела, туку заради слободните соло пасажи на опонентите и опуштеноста во комфортот кој го нуди фотелјата. Вторите утехата ќе ја најдат во билдањето на личното чувство за правдина и правилност, токмејќи се да ја преземат улогата на совршени шнајдери кои ќе сошијат гаќи за новиот цар и ќе ги потпишат со Версаче, бидејќи искрено веруваат дека се барем толку добри.
За оние кои јасно и гласно слушаат што се правело, гневот е кон себе затоа што го подредиле својот живот и сопствените убедувања и правила на игра врз „генералните" кои овде владеат со сите свои лудории откако Бог одлучил да ни пушти светло. Зошто? Бидејќи си се помирил со сегашноста. Си се помирил со иднината. Си се помирил со сопствената немоќ, со фактот дека демократијата е мисловна именка и дека правдината каква што ја замислуваш ја има само на филмови со Ал Пачино и Џек Николсон. Овие, третите, утехата ќе ја најдат во надежта, во остатоците во пандорината кутија од која излегле сите зла карактеристични за народи кои немаат себечувство и самопочит, а останала само секогаш бескрајно живата надеж.
Секој ќе си ја најде својата утеха, и тоа прилично лесно. Во очај, човек лесно се фаќа за секоја сламка преку која ќе може да дише и со која ќе мисли дека може „да го преплива Дунав", од зад Карпатите до наша Македонија, каде ќе ги постави шаторите и ќе ги опколи со колчиња населбите во кои ќе се дише чист воздух.
Само јас, и оние како мене, нема лесно да се помират со себе. Зошто?
Ајмо ред поредум, комитски. Што знаевме сите? Што знаеше власта дека опозицијата правела пред нив? Што знаеше опозицијата дека прави власта? Што сме стекнале како нормалитет, не во последниве 9 туку во последниве 59 години? Апсолутната моќ апсолутно корумпира. „Ало, здраво!". Го прифаќаш како лепче намачкано со паштета. Знаеш дека во паштетата нема ниту една здрава состојка, туку напротив, дека јадеш сомлени уши од магаре и коски од бивол. Па сепак – уживаш во моменталното задоволство кое ти го нуди. Лесно е, вкусно е и побрзо се подготвува отколку да готвиш оброк кој е многу подобар за организмот, ама бара многу повеќе време за припрема.
Имаш „неподнослива" ситуација како следната: лидерот на опозицијата започнува тирада кон власта покажувајќи го сето грдо лице на политиката. Го гледаш лицето на власта и се грозиш. Се плашиш за себе, затоа што знаеш дека тоа грдо лице ја раширило устата и загризало многу како тебе. Го гледаш лицето на опозицијата кое е нашминкано и дотерано и обоено со револуционерни бои, во кое би верувал ако си наивен и ти годат приказните дека некој таму одлучил за се заземе за тебе и за твоите права и слободи, за базичните човекови неопходности кон квалификацијата на еден живот како достоен, непотрошен за туѓи сметки, нескаменет во тула на туѓи замоци.
Го гледаш и сопственото лице: Паљачо со нацртана насмевка која сака да препознае сродна, за цело време имајќи на ум едно: „Ти си бројка, ти си само обична бројка, бројка за оние кои се, бројка за оние кои ќе дојдат по нив, бројка за оние кои ќе ги сменат наредните. Ти си само статистика, ти си само парче дрво кое треба да се исклеса не дотаму за да стане уметничко дело, туку онолку колку што треба за да кажеш дека си поблиску до финишот во кој секој од страна ќе те гледа со восхит. Делкање со глето, малку по малку, колку да се каже дека денес си малку подобар од вчера. А крајот никогаш нема да го видиш, бидејќи ќе иструлиш и векот ќе ти помине чекајќи го денот во кој ќе станеш она што не веруваш дека заслужуваш да бидеш. Бидејќи системот така те научил. Ама хеј, денес е подобро од вчера. Утре ќе е подобро од денес. Сè додека ти како незавршено дело, како никогаш добрусена резба не завршиш во пиланата во која од твоите остатоци ќе се направи ново парче дрво спремно за првиот кој ќе го начне со ножот на глетото. Секое парче со својата надеж дека ќе бидне ремек дело, чекајќи го мајсторот кој сака да гледа убавина, а не куп недовршени творби.
Ама, такви сме. И многу тешко ќе се промениме. Не верувам дека во догледно време ќе спознаеме дека нашето парче дрво е составено од остатоците од многу претходни претенденти за ремек дела. Не верувам дека во догледно време ќе дознаеме дека можеме да бидеме рај за нечии очи, бидејќи не знаеме што значи сплетот на околности кои некои го нарекуваат божјо дело, некои случајност – а се вика твој Живот. Еден и единствен. Сега и овде. Во милијардите години на постоење на Универзумот, во милионите години живот на планетава, доаѓа врвот на еволуцијата и се вика Ти, ти кој тотално не си свесен што се требало да се случи за да си сега и овде. За да можеш да го читаш ова. За да можеш да дишеш и да се бориш и да менуваш и променуваш, за да се удостоиш со она што денес го замислуваме и именуваме како нормален живот.
Царот е гол. И царот ќе си го најде патот, таков гол, кон првиот бутик за свилени гаќи. Ти остануваш. И што имаш?
Немаш верба во системот. Немаш надеж за демократија. Немаш сон за подобро. Бидејќи се знаеш себеси, но и сите околу тебе и нивниот капацитет. Не веруваш во никого. Ни во себе. Не е само царот гол. И ти си гол. Многу погол од него. Се што ти останува е... гневот.
Гневот кој ќе одлучува наместо тебе. Гневот кој ќе личи наместо тебе. Гневот кој ќе те обземе и со кој ќе се обвиеш, за да не си гол. Гневот кој ќе те полуди, гневот кој ќе те убие. Бидејќи се што се родило врз разгневените пламени на Ти, на твоето битие кое умира за да живее, завршило неславно, како име и презиме на статист во филмот за твојот живот кој нема реприза ниту втор дел.
Пливаме во гневот и се давиме по малку секој ден. И гневни сме кон сите. Кон оние кои „ни ја одзеле младоста". Кон оние кои „ни го одзеле правото да сонуваме". Кон оние кои „ни го изрентале животот под кирија и не направиле потстанари на сопствената судбина".
Сите се исти? Не, нели? Не смееш да веруваш во тоа. Бидејќи не смееш да се предадеш. Еве, ти не си ист. Убаво е да живееш во целофанот на кој позади, онаму каде што не гледаш, стои етикета со вредноста на твојот живот. Ама ја чувствуваш и се гневиш поради тоа.
Ако си со „првите", ќе ја игнорираш етикетата гледајќи се во огледалото кое е дизајнирано да прави манекени од симпатични буцковци. Ако си со „вторите", ќе ја игнорираш етикетата мислејќи дека ќе ти биде залепен нов бар-код со поголема вредност, еднаш откако ќе дојдеш на позиција да определуваш колку вреди животот на другите, на оние кои го правеле истото пред тебе. Ако си со „третите", ќе ја игнорираш етикетата бидејќи е проклето тешко да живееш знаејќи дека ја имаш на опаш и дека еден ден ќе те стигне нејзината вредност, определена од друг.
Ако си од оние како мене, ќе ја игнорираш етикетата со сопствената цена бидејќи ќе веруваш дека еден ден од оваа кожа која те заробува може да влезеш во друга, задржувајќи ја есенцијата која постои сега и овде, после милијарди години Универзум, пред уште повеќе милијарди години откако ти ќе станеш храна за црви или пепел во урна.
Попластично: наместо да се разбудам со желба за работа, љубов за блиските и план за откачување на концерт на Фу Фајтерс во Гластонбери, јас не заспивам бидејќи сум во вкрстениот оган на две групи на проценители на мојот живот, со намера да го бројат како свој капитал или жив штит во еден од многуте „финални" обрачуни меѓу себе.
До кога? Дури не одлучиме поинаку. Дури не застанеш во еден момент, што и да правиш. Дури не ги оставиш на земја торбите во кои си напазарил викендашки намирници, не се качиш на првиот камен и не започнеш да урлаш, да викаш колку што те држи стомак:
„Другари, вака веќе не може. Ќе не биде или нема да не има. Во вашите битки гинам јас. Ме сотревте мене. Ми ја бутнавте во ендек суштината. Ме изедовте жив. Ми ја скршите кичмата. Бидејќи јас дозволив, а дозволив бидејќи сите останати со скршени кичми се докршија од убедување дека така треба да се чекори низ животот. Со благ наклон према напред и глава спремна да не биде исечена од сабја. Епа НЕМА ПОВЕЌЕ.
Нема повеќе да бегам од пламенот во мене запален уште од Големата Експлозија кога сите галаксии, ѕвезди и планети, сите ваши сметки, битки и памфлети не биле едно. Нема повеќе да бегам од она што знам дека треба да бидам. Нема повеќе да бегам од вас, нема повеќе во друг да барам спас. Нема повеќе да се покорувам пред сопствените стравови, нема повеќе да ги прифаќам туѓите наметнати ставови. Нема повеќе. Нема повеќе да ми е тесен телевизорот во кој сакате да живеам. Нема повеќе да ви ги гледам сериите од Индија и репризите на дебатите, нема повеќе да ќутам, ова подобро да го сфатите. Нема да го слушам крештењето на оној кој треба да ме чува, нема да одам онаму каде што ветерот започнува да дува. Нема да сум заложник на туѓи интереси, нема од мојата кожа за вашиот злостор да правите завеси.
Нема повеќе. Нема повеќе да ме носите да ве гласам фатен за уши, нема повеќе дупки на душава белокошулен Че Мевара со микрофон да ми буши. Нема повеќе да ми затварате фирми ако не ви го дадам газот под кирија, нема повеќе наместо на Кариби да живеам во Сирија. Нема повеќе да молчам и да трпам да се тепате на мои плеќи „за моето подобро утре". Нема повеќе чорбите да ви ги сркам и да мафтам со опашката како некое кутре ако „тепаат моите", кога гледам дека ретко кој е мој. Нема повеќе да ми земате мерка, друг да ми зема крој. Нема повеќе да заборавам дека сум човечко суштество исто како и вие, нема повеќе да сум ви само бројка која ви треба повремено за да кажете "Ние". Нема повеќе да ми мачкате очи со глупите Вести за крапот кој се мрести кога пукаме по шавови пред да експлодираме, нема повеќе да ве трпам, нема повеќе да игнорираме. Нема повеќе да сме туѓи, отуѓени, нема повеќе за туѓ ќеиф да сме судени.
Нема повеќе да ми го земате лебот за да го продадете и да јадете чоколадо, ни ти неспремна опозицијо, ни ти заборавена Владо. Нема повеќе. Нема повеќе да толерирам владини инквизаторски авторитети, нема повеќе да молчам кога опозицијата свесно одлучува да ми штети. Нема повеќе на мене некој да си лечи фрустрација, нема повеќе на личен интерес да биде жртва мојата нација. Нема повеќе да ме лажете кога немате муда во очи да ми кажете дека според вас нешто мора да биде вака и вака, нема повеќе да играм како што вас ви се сака. Нема повеќе вистината да ја гледаме преку ролетни, нема повеќе наместо стручни на клучни позиции да ставаме недоветни, а послушни, бидејќи треба да спроведат нечија визија. Нема повеќе глупи песни да праќаме на Евровизија. Нема повеќе да чекаме проблемите да ни ги решат странци, нема повеќе пред кршот дома да се однесуваме како изгубени Германци.
Нема повеќе да забораваме дека сме луѓе од крв и месо и само едно тело. Нема повеќе белото да го мачкаме со црно, а црното со бело. Нема повеќе да се пазам на нечија пична жила да згазам и при очи слеп да ме тера некој да бидам, кога имам две очи за да можам сите ѕвезди на небото да ги видам. Нема повеќе да ми е страв на „шефот" да му кажам дека тиња има во Мала Преспа, нема повеќе да се осеќам ко дисидент ако не се качам со опозициониот лидер на веспа. Нема повеќе да трпам кога оној кој треба не презема одговорност, нема повеќе бекање на овци, има повеќе воинственост. Нема повеќе да заборавам дека само еден живот имам, нема повеќе да се тргам од гумен куршум, за моите идеали ако треба ќе гинам. Нема повеќе да ќутам чим гледам како подлизурковци држава ми рушат. Нема повеќе да ги величам гмизавците кои жедни за власт се спремни да пушат.
Нема повеќе. Доста е, комшии, браќа и сестри. Нема повеќе кај мене еден прост испит да го полагате 8 семестри. Нема повеќе да се плашам дека под превезот на демократијата, државата го окркала до балчак и дека она што го слушам е само она што некој друг сака да го слушам, нема повеќе да ќутам и ќутејќи своето свето да го рушам. Нема повеќе да верувам во сказни дека меѓу сите риалити шоу муабети господарот на шоуто не сака на властодржците да им се свети и дека ако четири-пет-десет години некој се што мора да е тајно земал да го слуша го дал само на еден човек во кој препознал демократска душа и дека целата држава не е предадена на послужавник, што на некој душман, што на некој со визит карта „Државник".
Нема повеќе државата да си ја гледам само на телевизор, а секој кој ѝ мисли лошо ќе ми стане точка во ретровизор. Нема повеќе животот да ми го раскажуваат други. Јас можам да им простам, ним друг ќе им суди.
Симни се од каменот и повтори: Нема повеќе. За да има повеќе. Симни се од каменот. Нема никој да те беси. Симни се од каменот кој ти беше на срце... Досега ти ги слушаше емоциите на оние гневни меѓу себе и на другите. Исти живи луѓе како и ти, да не се лажеме. Досега ти ги слушаше емоциите на безгрешните кои го земале каменот први. Исто како што си направил некогаш и ти, ред е да кажеме. Ама сега ќе те слушаат малку и тие тебе. Како денес. Како што може да биде секој ден. Нема да ја гледаш половичната вистина и од таму да носиш суд, нема да дозволиш на нарав некој да прилепи дело и да те прави луд, нема ни да игнорираш се што е кажано иако можеби не е запишано. Нема да си гневен, но заборав нема. Ќе простиш, но од срце ништо нема да е избришано. Сега си лут, но ослободен од сиот гнев. Сега си лут, но нема да направиш грев.
„Гневот, божице, спеј го на Ахила, синот Пелеев,
пустиот гнев што им задал н'Ахајците безбројни болки"
(Хомер, Илијада, 1-2, во превод на д-р М.Д. Петрушевски)
Доста беа болки. Не сме македончиња, туку сме Македонци. Бивајќи Македонци, да не заборавиме дека пред се сме – живи луѓе.
Со ум и разум,
после емотивното празнење.
Бетменски поздрав.
betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT