Јосиповиќ седи во штабот, заедно со 12 негови луѓе. Пред врата има уште 50-тина со дигитрони во рака, нервозно пресметувајќи во трета децимала прилив на гласови од сите општини. Резултатот кај сите доаѓа отприлика ист: 21.000 во минус за нивниот Иво. Кај најтврдокорните оптимисти разликата оди до 14.000, ама немаат идеја како да ја решат равенката со една непозната: „Колку е Х ако Х се стреми кон минутите кои му преостануваат на Јосиповиќ на претседателската позиција во Хрватска?" Јосиповиќ подголтнува, нежно тропкајќи со ноктите по маса, за во еден момент да стане и одлучно да ја соопшти својата последна одлука како претседател на Хрватска. Со раката се фаќа за кошулата околу грло, ја разлабавува краватата и започнува со својот непланиран говор:
„Мои почитувани сопартијци, мои соборци, тоа е тоа. Ферски и честито е да излезам и да ѝ ја честитам победата на госпоѓата Колинда. Кажете им на новинарите дека ќе им се обратам за неколку минути."
Молк во штабот. Никој не знае што да мисли и најлесно е да се сложи со зборовите на својот дотогаш почитуван претседател, за последен пат. Еден од луѓето на маса помислува да предложи Јосиповиќ да го промени името во Колинда Грабар Китаровиќ, па да се прави на Тошо, но се премислува во последен момент бидејќи не е сигурен како еден човек може во исто време да биде и Колинда и Тошо. Продолжува да гувее во покорност кон желбата на својот претседател.
Иво излегува од просторијата во која му беше соопштена демократската желба на 21.000 луѓе кои му пресудија на претседателските избори – толку е разликата во гласови меѓу него и противкандидатот и нов претседател Колинда Грабар Китаровиќ. Минува низ другите педесеттина кои останале во штабот - дел од нив сè уште штракаат по дигитроните за да проверат уште еднаш како е можен таквиот епилог на изборите – да победи противкандидатот од опозицијата, кога тие се толку убедени во својата непогрешливост во водењето на земјата. Подзастанува, па штракањето по дигитроните престанува. Во очајна тишина сите очекуваат некаков збор на надеж од нивниот Иво:
„Во ред е пријатели. За жал засега мора да признаеме пораз. Но, тоа не значи дека светот завршува денес. Од утре ни започнува една нова, поодговорна битка – да бидеме подобри од себе и како опозиција на претседателско ниво да се корегираме за ваков резултат да не ни се случи и на парламентарните избори годинава. Одете дома и преспијте, од утре ми требате ведри и спремни за уште посилна работа", вели Јосиповиќ и излегува низ врата која води во еден ходник. Вратата на другиот крај од ходникот е поврзана со салата за прес конференции, каде се наоѓаат новинарите спремни да ги слушнат последните зборови на нивниот стар претседател.
Иво зачекорува низ ходникот во кој во морзеов ритам трепка една неонка, осветлувајќи го коридорот во делови од секунда. Зад него одат двајца негови советници со затромавен чекор, како да одат да му соопштат на Оливер Драгојевиќ дека неговата „Магдалена“ ја преработил Цане Николовски. Едниот во непостојаната неонка гледа златна шанса и одлучува да го прекине молкот на поразените:
„Претседателе, ете... нема ни неколку минути откако претседател стана онаа плавата на Санадер, а веќе сијалиците откажуваат послушност. За мене ова е страшна симболика, вие досега бевте светлото на крајот на патот на Хрватска, а сега веќе тоа светло го губи сјајот. Ќе останеме во темнина претседателе, размислете... размислете уште еднаш дали треба да признаете пораз".
„Фрањо, мој Фрањо. Во ред е", се врти Јосиповиќ и го прегрнува едниот од советниците. „Нека не ти паѓа премногу тешко ова. Истеравме 4 долги убави години во кои се трудевме колку што можевме да бидеме она што и' треба на оваа земја." се трга од прегратката и го гледа во очи држејќи го со десната рака од задната страна на вратот, божем ќе му се отштрафи главата од тага и ќе му се стркала на земја. Иво продолжува: „Граѓаните одлучија. Со мала разлика, ама хеј, мој Фрањо, тоа е демократијата. Можеби наредниот пат ќе се вратиме на врвот на државата со разлика од 21 човек, илјада пати помала разлика од оваа со која заминуваме", го теши Јосиповиќ својот верен советник. Другиот советник Миле, ја става својата лева рака на слободното десно рамо на тажниот колега.
Овој интимен момент на тивко патење го прекинува неочекуван тресок. Од вратата од која пред малку излегоа Јосиповиќ и двајцата советници, фуриозно во ходникот настапува еден сериозно заангажиран човек кој трча и вика. „Претседателе, претседателе... застанете. Стоп претседателе! Не излегувајте. Чекајте, ништо не е готово!" летајќи низ ходникот со неколку листови во десната рака.
„Ама што ви е вас луѓе? Што не е готово мој Даворе? Добар ли си?", го препознава Јосиповиќ својот асистент за медиуми низ трепкачкиот ритам на неонката во ходникот кој води до потпишувањето капитулација. Фрањо се оттргнува од рацете на Иво и ги забришува очите кои љубопитно гледаат кон неговиот колега Давор.
„Дојде... дојде...", забревтано се обидува да врзе три збора Давор. „Дојде телеграма од Македонија. Тие.. тие велат дека не сте изгубиле... претседателе, и јас мислам дека се.. дека се во право Македонците", пополека си доаѓа на себе Давор нежно кривејќи ги краевите на устата во насмевка на надеж. Му ги подава на Јосиповиќ листовите кои ги држеше во рака.
„Какви глупости ми зборуваш Даворе? Каква Македонија, како не сум изгубил? Човече, си пролупал, да ми простиш на изразот. Какви ти се тие глупости? Дај, дај да видам, што пишува таму...", ги зема парчињата хартија од раката на Давор и започнува да чита на глас. Давор го вади мобилниот да му свети, бидејќи неонката во ходникот сè уште трепка поразително. Баритонот на Јосиповиќ го сече воздухот во кој лебди возбудата на неговите советници.
„Цјењени Прјетседниче Јосипович, обрачамо ти се од името на сите Македонци твои пријатели. Ние сме здружени политичари од партиите кои се менуваат на власт и, покрај ставот околу името на нашата земја кое не го даваме, како што вијеч знате, сакаме да ви кажеме дека сме единствени во поддршката кон вас во овие комплицирани, но не нерешливи моменти. Да господине Јосиповиќ, добро прочитавте. Видете: лицето Колинда Грабар Китаровиќ понатаму во текстот позната како Лицето КГК односно Граѓанинот Колинда, не ја признаваме како претседателка на Хрватска и инсистираме на тоа вие да размислите уште еднаш за вашата одлука да ѝ честитате победа и покрај тоа што сите знаеме дека разлика од 21.000 гласови не е некоја разлика која не може да претпоставиме дека е фингирана од злите сили во вашата домовина кои не и мислат добро на нашата тука некаде комшиска земја.
Само да ве потсетиме дека не толку одамна во Македонија еден кандидат за претседател успеа да преиначи минус од 120.000 гласови после првиот круг во плус 70.000 за конечна победа во вториот. Значи дека луѓето некогаш и не знаат за кого гласаат и зошто го прават тоа. Ние, и едните и другите, знаеме дека народот е во право и кога греши, но би било добро да го подучите народот на неговите грешки и да му помогнете да си дојде на себе, како тие 190.000 Македонци кои се освестија во конкретниот пример кој ви го споменуваме. Апелираме уште еднаш без брзање да размислите дали вреди да се честита толку рано. Тука сме за било каков совет кој би ви бил потребен", завршува со читање Јосиповиќ на првиот лист во раката.
Гледа во Давор со неверување. Фрањо започнува да липа и да вика: „Тоа е тоа. Луѓето се во право. Македонците се во право и ја знаат вистината. Знаев, знаев дека не сме згрешиле ние, туку народот. Претседателе, ваша должност е да бидете претседател на овој народ како и досега и да му укажете на страшната грешка која ја направил. Видете, ако го повториме гласањето, ете, не мора секаде туку онаму каде што народот направил поголема грешка т.е. разлика во корист на Граѓанинот Лице Колинда, сигурен сум дека ќе успееме да го разбудиме разумот кај нашите Хрвати и тие повторно ќе ви ја укажат довербата која сте ја заслужиле, освестувајќи се од демократскиот кошмар во кој безумно го згрешиле бројот кој искрено сакале да го заокружат".
Јосиповиќ го гледа Фрањо. Ја врти главата и кон Миле кој лагано кима со главата во знак на потврда.
„Но луѓе, што зборувате? Па како ќе кажам дека 21.000 луѓе не знаеле што прават? И како.. а чекај, што има на вториот лист? Уште нешто ли пишале Македонците?", прашува Јосиповиќ продолжувајќи да чита на глас, целиот во неверување од пресвртот кој му го нудат и одобруваат неговите луѓе.
„Јосиповиќ Иво, голем прецедниче на нашата братска земја Хрватска од која не дели само една Србија, според нашите визуелни сознанија Лицето КГК (Граѓанинот К) не е воопшто државнички штоф. Без сомневање во нејзините квалитети кои наводно ги препознаа само 21.000 граѓани повеќе од оние кои безусловно веруваат во вашите државнички способности (21 е веројатно реалната бројка, нулите никогаш не се ни броеле во нашите математики), сепак сметаме дека се работи за статистичка грешка и дека вие сте вистинскиот избор на хрватските граѓани.
Претпоставувајќи дека ќе се двоумите, можеби и зачудите дали сме ние или вие во право, да знаете: ние само ја говориме вистината. Таа во моментов може да ви ја кријат заговорниците во медиумите и нивните графикони и проценти и пити на кои е прикажано дека паричето паднало во парчето пита на Лицето КГК. Не си ставајте трн во здрава нога, верувајќи во измислиците на вашите опоненти дека е можно да ги загубите изборите, и тоа со смешни, ништожни, непостоечки 21.000 гласови кои којзнае кој ги ставил во гласачките кутии. Сте помислиле ли колку од нив се мртви лица за кои гласале нивни роднини? А знаеме дека чувствувате дека толку добро владеете што и мртвите би ви го дале својот глас! Колку од нив се гастербајтери од Германија со двојни адреси кои дошле од Дрезден, Дортмунд и Минхен само за да ви напакостат, не чувствувајќи го благодетот на вашето владеење таму од далечната Германија?
Па зарем ќе дозволите од власт да ве симнат оние на кои Хрватска не им значи ништо, а тоа го прават за надомест од 50 евра? 21.000 по 50 евра е еден милион евра. Само милион. Зарем толку вреди иднината на вашата земја? Зарем не ја сакате Хрватска повеќе од тој милион кој други го платиле (веројатно сопартиецот на лицето КГК и за жал ваш имењак Иво Санадер од парите кои ги покрал од лијепата ви домовина) за вас да ве сменат и да дојдат на власт безработници кои прво ќе го вратат милионот, а после ќе го наплатат по неколку илјади пати?
Драг наш Иво, јави се. Јави се на овој апел за разум. Знаеме дека до тебе ќе допре нашиот разумен апел и дека сега пред новинарите нема да честиташ победа на Граѓанинот К позната и како Лицето КГК, туку ќе ја одбраниш демократијата која ја познаваш добро како твојот џеб и ќе го направиш она за што првично те изгласале граѓаните на Хрватска: да ги водиш низ премрежјата како овие во моментов, во кои некогаш истите граѓани губат разум и не при свест одлучуваат против свое добро. Ваша должност, на целиот твој тим, е да му служите на народот во овие тешки моменти и да не ја напуштате претседателската фотелја за која сте родени.
Како благодарност до нас за овој мал шамар на разумот кој ќе ја врати Хрватска на правиот пат, доволно ќе е едно Хвала Лијепо и еден пакет со крашки пршут на адресата која ја имате најдолу во писмото, за да ја прославиме вашата голема победа. Со почит, претседателе Иво, секогаш вашите Македонци. Не заборавајте Иво, кад си сам, кад је све тужно, ти се сети ње, Македонија ти пружа љубав и све што треба ако сакате на пример да инвестирате во нашата земја или да направите некој хотел со казино, што да не. Честитки!" .
Иво завршува со читање. Полека ја спушта кон телото десната рака во која ги држи листовите со писмото од Македонија. Со левата ги фаќа очилата, ги трга од очите и со ракавот поминува преку своето оросено чело. Ја исправа главата во која гледаат Давор, Миле и Фрањо, концентрирани како да чекаат Панчев да го шутне последниот пенал против Олимпик Марсеј.
Неонката продолжува во ист ритам, но светлото овој пат покажува сјај во крешендо на лицето на Јосиповиќ. Гледа во своите луѓе, очите му се полнат со солзи, а срцето повторно со претседателска крв. Молк од 7 секунди. Па Иво бликнува со жар:
„Леле луѓе... Леле луѓе, што ќе направевме?", вели Иво и ги прегрнува своите советници. Листовите паѓаат на земја. „Претседателе! НАШ ПРЕТСЕДАТЕЛЕ! НЕ ТЕ ДАВАМЕ. Ти си нашиот претседател, слушаш?", започнуваат наизменично да липаат Давор, Фрањо и Миле.
„Леле луѓе мои, каква грешка ќе направев...", признава Јосиповиќ. Моментално доаѓа на себе и ја дава првата заповед откако сфаќа дека е нов претседател на Хрватска шта се тиче Македонаца и тој самиот: „Фрањо, дај ми палома. Миле, оди и кажи им на новинарите дека имам прекрасни вести за нив и за Хрватска. Давор... мој Даворе. Земи не еден туку два пакети пршут и праќај ги веднаш за Македонија. Стави и некое шише баделов коњак, да им се најде на умните браќа Македонци. Фрањо, јави и на Јадранка дека утре ќе ја признаеме Македонија под уставно име".
„Ама претседателе, ние веќе ја имаме признаено Македонија под уставно име..."
„Аха. Па добро, тогаш прати три пакети пршут за Скопје. Нека кркаат и слават моите умни браќа политичари.... А такаааа значиии, Санадер сигурно ги поткупил тие кутри 20-тина илјади луѓе со парите кои ги украл од чесните кои гласаа за мене... Фрањо, запишуваш?"
„Да претседателе, мој претседателе"
„Одлично. Домовино, не те давам на душманите. Одиме луѓе. Хрватска чека само на нас".
*aвторот на текстот не им се извинува на граѓаните на Хрватска доколку им даде идеја на нивните политичари. јебига, ние за Тито збор не рековме 50 години. aли то није разлог да не зароштиљамо...
Крашки пршут праќајте на следните адреси: betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT на твитер