Ко да се залетавме околу тестаментот на газдата на Корона

Вчера во една од ретките добри вести на 2016 објавивме дека поранешниот прв човек на Корона во тестаментот им оставил по 2 и нешто милиони евра на сите жители на своето родно село. Тек па на нив да знаете колку им е криво што ова не е точно.

Сторијата е дека Фернандез во 1949 заминува од Шпанија во Мексико како имигрант, таму се жени со внуката на сопственикот на пиварата Групо модело, со тек на време станува ЦЕО на компанијата и успева Корона да ја направи милионски бренд. Сè до тука е точно.

Она што не е точно е дека тој ќе им подели пари на сите свои соселани. Веста со жалење ја негира директорот за комуникации на фондацијата основана од Фернандез во неговото родно село.

Тој објаснува дека иако Фернандез направил многу за селото и вложил многу пари, сето тоа го направил додека бил жив. Директорот за комуникации потврдува дека Фернандез ќе остави наследство на некои жители на селото, меѓутоа тоа се децата на неговите 13 браќа и сестри, бидејќи тој немал свои деца. Никој друг не треба да очекува никакво наследство од Корона.

26 ноември 2016 - 14:27