Душан Ковачевиќ:

Да се распише конкурс за некој пристоен окупатор да нè доведе во ред

Избори имаме на секои две години, човек не може ни да се сети кога тоа не сме имале избори. Оние што излегуваат во политичката арена треба да се гледаат првенствено преку она што ќе понудат. Воопшто не ме интересира кој на која партија ѝ припаѓа, туку што зборува и што порачува. Имам доволно искуство да препознам што е лага а што е вистина.

Живиот класик на српската книжевност Душан Ковачевиќ од неодамна е на чело на театарскиот фестивал "Седум дена пролет" во Шабац за кој вели дека е драгоцена одбрана на културата.

"Во оваа поплава на ужасот на некултурата, фестивалот е обид еден град и еден регион да се сочуваат барем седум дена. Пред 50 години гледав една одлична претстава со одличната Мира Бањац и тоа многу влијаеше на мене. Можеби на некои млади луѓе, на овој фестивал ќе им се случи нешто слично. Мора на младите да им се понуди нешто друго контра сиот овој ужас на невкусот и поразот на паметта со кои се преплавени бидејќи секој кој ќе тргне по тој пат, макар тоа станало и меинстрим, нема добро да заврши".

Како вие го гледате и го разбирате тој ужас на невкусот?

Тоа е еден вид заболување. Кога се ослободивме од стегите на лошите последици од комунизмот и цензурата и кога се дограбивме до слободата, ние се залетавме во јавни куќи. Од сите куќи на кои пишуваше "образование", "напредок", "развој".... ние масовно потрчавме кон јaвните куќи. Јавната куќа стана симбол на нашите занимања, јавниот живот, духовниот живот.... Дијагноза. Но тука не е крајот. Бидејќи во нашата јавна куќа - за разлика од начинот на кој таа институција со векови функционира- нема ни ред ни правила. Затоа доста често со носталгија се сеќавам на цензурата.

Набргу ни следуваат избори?

Изборите сега се на секои две години, човек не може ни да се сети кога тоа не сме имале избори. Како станувам постар, сè поуверен сум дека со ова малку памет што ми останала, морам да размислувам пред сè од чувството за иднината на моите деца и внуци, особено внуци. Оние што излегуваат во политичката арена треба да се гледаат првенствено преку она што ќе понудат. Воопшто не ме интересира кој на која партија ѝ припаѓа, туку што зборува. Имам доволно искуство, доволно пројдов системи, партии, уредувања, за да знам што е лага а што е вистина, што ни се зборува и порачува.

А што ни се порачува?

Приказните се во принцип: "Ние тоа го правиме за ваше добро. Вие не ни давате да ви помогнеме. Вие не нè разбирате нас а изгинавме за вас. Ние страдаме заради вас а вие тоа никако нејќете да го прифатите и мислите дека ние тоа го правиме за наша корист. И тоа многу нè вреѓа. А тоа што вие гледате дека ние се имаме офајдено и збогатено, тоа не е точно. Тоа вас очите ве лажат. Ние се искршивме заради вас а тоа што попат го ќаривме, па тоа се најде, онака, живи луѓе сме".

Добро би било во предизборните кампањи што помалку да се ветуваат глупости кои не се точни и не се можни. Па ние веќе немаме, не години, немаме ни недели за фрлање. Ќе дојдеме во ситуација да се бориме за апсолутен гол живот. И ќе биде доцна за сите политички опции и ветувања.

Во земјата која "може да ја нахрани цела Европа" имаме народни кујни. На цел глас се зборува за внатрешни и надворешни непријатели а секој ден најмалку по една жена е убиена па прашањето за "сигурни куќи" е едно од најактуелните во земјава.

И потоа си викате дајте да се распише конкурс за некој пристоен окупатор да нè доведе во ред. Бидејќи вака како што е, ова цивилизациски служи само за заобиколување. Доминираат силеџиите и гладните. А ние живуркаме меѓу нив.

14 октомври 2016 - 10:22