Има барем 15 години откако ја објавивме таа приказна, поведени од искуство на моја другарка дека во текот на ноќта, некој провалил во нејзината канцеларија, не правејќи никаква штета, освен енормна телефонска сметка за која станала свесна дури следниот месец.
Шокирана од износот, им раскажала на свои колеги по што многумина признале дека им се има случено иста работа. Упаднато, ништо не е однесено, освен огромна сметка за „хот лајн“.
„Да знаеш само како изгледаше канцеларијата после упадот,“ се жалеа од друга фирма. „Ништо не однел, ни пенкало, ама немаше каде да се седне бидејќи сè беше лепливо.“ Претпоставувате со што.
На прва, претпоставував дека му било досадно. Но, претпоставката, како што знаете, е мајка на сите заеби.
Се загреав за приказната, стапив во контакт со инспекторот кој го водеше случајот, напишав пар текстови за тоа, нарекувајќи го главниот јунак на нашата приказна „таинствениот бањалучки мастурбатор“. Како што знаете, нема добра приказна без секс. Во овој или оној облик.
Додека траеше потрагата, контактирав и психолог, предавач на Полициската академија, тој брзо ми скоцка „профил на мастурбаторот“, тврдејќи дека нашиот јунак „најверојатно има трауми од детството произлезени од односот со мајка му...“
Се разбира, утна, што ми призна еден ден кога ме побара на телефон за да ми каже дека го уапсиле ликот и дека не се работи за никаков манијак, туку нормален човек кој имал многу прагматична причина за провалување по канцеларии.
Типот имал девојка која работи на хот-лајн и хонорарот ѝ зависел од должината на разговорите кои ги остварила. Тој провалувал по канцеларии и по цели ноќи разговарал со неа, набивајќи ѝ го хонорарот, притоа мастурбирал затоа што, зошто да не.
Половина година подоцна, психологот кој го правеше профилот ми кажа дека „мастурбаторот“ го нашол на Академија и му се изнавикал, тврдејќи дека нема „никакви трауми од детството“. И дека не е никаков манијак туку обичен вљубен човек кој ѝ помагал на својата девојка да заработи некој денар.
Како завршила нивната љубовна приказна, веројатно знаат само тие двајца.