Прирачник за разбирање мажи и жени

Брачен пар се вози во автомобил и во еден момент жената го прашува мажот "Сакаш да застанеме на кафе?" "Не баш," одговора тој и продолжуваат по патот. Резултат? Жената, која всушност сакала да застане, станува нервозна бидејќи се чувствува дека нејзините желби не се земаат предвид. Мажот гледа дека таа му е лута и почнува да се фрустрира: “Па што ме прашува дали ЈАС сакам да застанам?”

За негова несреќа тој не разбира дека неговата жена не го поставила прашањето за да добие инстант одговор, туку да започне преговори. А жената не сфати дека кога нејзиниот маж рече не, тој само ја изразил неговата желба а не донел одлука. Кога мажот и жената ја интерпретираат истата ситуација на спротивен начин, не е ни чудо што себе си се наоѓаат во постојани напади на лутина, себичност и оддалечување еден од друг.

Како лингвист проучував како се разликуваат стиловите на разговор меѓу мажите и жените. Иако не можеме да ги ставиме во стриктни категории, сепак малите недоразбирања кои ги "прогонуваат" врските, можат да се објаснат со различните правила на разговор што ги користат мажите и жените.



Ова се петте најчести теми, на кои започнуваат расправите.

Статус vs. Поддршка

Мажите растат во свет во кој разговорот најчесто е натпревар, или за да се постигне превласт или за да ги спречат останатите во обидот да ги закачаат. За жените, од друга страна, разговорот често е начин да се размени поддршка и симаптии.

Ова го забележав кога јас и мажот ми работевме во различни градови. Луѓето најчесто коментираа "Мора да е тешко" или "Како издржуваш!" Јас ја прифаќав нивната симпатија и понекогаш и ја зајакнував, велејќи "Најтешкиот дел е што цело време треба да се пакувам и распакувам".

Меѓутоа, маж ми често со лутина реагираше на ваквите изјави. "Нашата ситуација има предности. Како академци ние имаме 4-дневен викенд кој го минуваме заедно, како и долги одмори во текот на годината и четири месеци одмор во лето," објаснуваше тој.

Сè што тој велеше беше вистина, но не разбирав зошто тој одбра тоа да го рече. Тој ми објасни дека некој од коментарите што ни ги даваат имплицираат дека "нашиот не е вистински брак, јас сум супериорен кон тебе, бидејќи јас и жена ми ја избегнавме вашата несреќа и живееме заедно!"

Сè до тогаш ниту еднаш не ми текна дека во коментарите може да постои елемент на потценување кон мене и него.

Сега ми е јасно дека маж ми на светот му пристапува како и голем број мажи: како место каде што луѓето се обидуваат да достигнат и одржат одреден статус. Јас од друга страна на светот му пристапувам како и многу жени: како мрежа на врски во кои се бара симпатија и поддршка.

Независност vs. Интимност

Бидејќи жените често размислуваат  во смисла на блискост и поддршка, тие се борат да ја зачуваат својата интимност. Мажите се грижат за статусот и повеќе се фокусираат на независноста. Овие карактеристики кај жената и мажот можат да создадат крајно спротивни гледишта на иста ситуација.

Кога другар од детството му се јави на Џош и му рече дека наскоро ќе биде кај него во град, Џош веднаш го покани на гости кај него дома за викендот. Истата вечер тој и кажа на Линда дека ќе имаат гостин.

Линда беше сериозно вознемирена. Како можеше Џош да го организира тоа без претходно да разговара со неa? Таа никогаш не би му го направила тоа нему. "Зошто не му рече на другар ти дека треба прво да разговараш со жена ти?" прашала Линда.

"Не можам да му кажам на другар ми 'Треба да ја прашам жена мi за дозвола!'" одговорил Џош.

За Џош, разговарањето со жена му значи дека на него не му е дозволено сам да донесува одлуки. Тоа ќе го направи да се чувствува како дете или потчинет. Меѓутоа, Линда всушност ужива да му рече на некого "Треба да разговарам со Џош." Таа се чувствува добро кога може да покаже дека нејзиниот живот е преплетен со оној на маж ѝ.

Совет vs. Разбирање

Ева направи операција за отстранување на рак од градите. Кога таа му се довери на својот маж, Марк, дека е депресивна заради тоа што конците ја промениле контурата на нејзината дојка, тој одговори "Секогаш можеш да направиш пластична операција."

Овој коментар тотално ја потресе. "Жал ми е што не ти се допаѓа како изгледа. Ама јас веќе не правам операции!" луто изјавила Ева.

Збунет но и повреден, Марк одговорил "На мене не ми е ни гајле за лузната. Таа воопшто не ми пречи!"

"Па тогаш зошто ми рече да правам пластична операција?" запрашала Ева.

"Затоа што ТИ ми рече дека си вознемирена од тоа како таа изгледа."

Ева се почувствува посрамено. Марк ѝ даде и повеќе од поддршка за време на операцијата. Како можеше сега вака да му се развика?

Проблемот произлезе од различниот пристап. За голем број мажи жалбата е предизвик за наоѓање на решение. Марк сметаше дека ја охрабрува Ева, објаснувајќи ѝ дека сепак има нешто што би можела да направи во врска со лузната. Меѓутоа (нај)често жените бараат емоционална поддршка а не решенија.

Кога мајка ми ќе му каже на татко ми дека не се чувствува добро, тој веднаш ќе ѝ понуди да ја однесе на доктор. Речиси секогаш таа е разочарана од реакцијата. Како и многу мажи, тој е фокусиран на она што може да го стори, додека таа само сака разбирање и сочувство.

Информации vs. Чувства

Еден стрип покажува како маж отвора весникот и ја прашува жена му "Да не има нешто што би сакала да ми кажеш пред да почнам со читање на весникот?" Знаеме дека нема ништо - меѓутоа само што тој почна со читање, жена му смислува нешто.

Стрипот е смешен бидејќи голем број луѓе во него препознаваат сопствени искуства. Она што не е смешно е што голем број жени се повредени кога мажите дома не зборуваат со нив а голем број мажи се фрустрираат кога ќе ги разочараат своите партнери без да знаат зошто.

Ребека, која е среќно омажена, ми кажа дека ова е чест извор на расправии со нејзиниот маж, Стујард. Кога таа му кажува што размислува, тој тивко слуша. Кога ќе го праша на што тој мисли, Стујард одговора: "Ништо".

Цел живот Ребека практикува зборување за сопствените чувства со пријателки и роднини. Меѓутоа Стујард практикува чување на неговите најтајни мисли за себе си. За него, како и за најголемиот дел од мажите, зборувањето е информација. Тој не чувствува дека е потребно дома да зборува.

Сепак, голем број такви мажи се во центарот на вниманието на разни општествени средби, кажувајќи приказни и вицови. Тие го користат разговорот за да го освојат вниманието и за да ја забавуваат околината. На крај жената може да биде повредена што нејзиниот маж на непознати им кажува работи кои не ѝ ги кажал нејзе.

За да се избегне ваквата ситуација и едните и другите мора да направат прилагодувања. Жената не треба да ја сфаќа желбата на мажот да чита весник како отфрлање а мажот треба да ја разбере желбата на жената да зборува, без да чувствува дека тоа е натурување.

Наредби vs. Предлози

Дајана често ги започнува своите реченици со "Ајде". Таа може да рече "Ајде да паркираме таму" или "Ајде сега да исчистиме, пред ручек".

Ова го нервира Бил. Тој го доживува "ајде" на Дајана како наредба. Како и најголемиот дел од мажите, тој одбива да го направи она што му е речено да го стори. Меѓутоа за Дајана, тоа е давање предлози а не наредби. Како и поголемиот дел од жените, и таа ги формулира своите барања како предлози наместо како наредби. Нејзиниот стил на зборување и помага во убедување на останатите да го направат она што таа го сака - меѓутоа со постигнување согласност.

Со одредени мажи, како Бил, оваа тактика не успева. Ако Бил осети дека некој сака индиректно да го натера да направи нешто, тој се чувствува манипулирано и реагира далеку понавредено отколку ако тоа било директно побарано од него.

Конфликт vs. Компромис

Обидувајќи се да избегнат расправии, некои жени одбиваат отворено да ја наметнат сопствената волја. Меѓутоа во одредени случаи за жената е многу поефективно да се наметне себе си, дури и да ризикува конфликт.

Дора е фрустрирана од серијата на користени автомобили што таа ги возеше. Иако таа секој ден минува километри до работа, сепак мажот ѝ е тој што ги одбира колите. Хенк постојано се фаќаше за автомобили кои беа "интересни", но постојано имаа потреба од поправки.

Откако Дора речиси загина кога кочниците ѝ откажаа, тие повторно заминаа да купат половен автомобил. Дора сакаше да купи понов седан од еден пријател, додека Хенк беше за спортски автомобил стар 15-на години. Таа се обидуваше да го убеди Хенк дека е попаметно да се купи досаден но сигурен автомобил, но тој не го менуваше мислењето.

Претходно таа би се "потчинила" на неговите желби. Но овој пат, Дора одлучи да го купи седанот и се подготви себе си за гневот и расправата со Хенк. На нејзино изненадување, тој не даде ниту еден приговор. Кога подоцна му кажа што очекувала дека ќе се случи, тој се насмеа на нејзиниот страв и рече дека таа требала одамна тоа да го направи доколку толку била уверена во она што го бара.

Како што откри Дора, малку конфликт нема да те убие. Меѓутоа, во исто време мажите кои по навика им тераат инает на останатите, можат малку да го променат својот стил и да одберат помалку конфронтација.

Кога нема точно да ги препознаеме разликите во стиловите, знаеме да донесеме погрешни одлуки: "Ти си нелогичен." "Ти си себичен". Меѓутоа еднаш кога ќе ги совладаме двата карактеристични пристапи (машки и женски), имаме многу подобри шанси да ги сопреме недоразбирањата да излезат надвор од контрола.

-------------------
"Can't We Talk?" (извадено од: „You Just Don't Understand“ од Дебра Танен)

3 мај 2018 - 15:21