Ник Кејв: Јас и мојата муза не се тркаме со никого

Ник Кејв како уметник и музичар не е податлив MTV материјал но сепак добиваше внимание и признанија, особено со атрактивните дуети со Кајли Миног и сл. Во далечната 1996 година, најпристојно што може, Кејв им пиша на луѓето од телeвизијата зошто во иднина да го прескокнат кога ќе им текне на награди. 

До сите во МТВ,

Би сакал да ви се заблагодарам за поддршката што ми ја дававте  последниве години, истовремено сум и благодарен и поласкан за номинациите што ги добив за најдобар машки уметник. Исто толку го ценам и отстапеното време во етерот за дуетите со Кајли Миног и П.Џ. Харви од мојот последен албум Murder Ballads. Уште еднаш, мојата искрена благодарност.

И покрај сето тоа, сметам дека е неопходно да побарам мојата номинација за најдобар машки уметник да се повлече а и сите идни можни номинации да им бидат доделени на оние кои се чувствуваат попријатно во конкурентната природа на овие церемонии на доделувања. Јас не сум од тие. Отсекогаш сум мислел дека мојата музика е уникатна и индивидуална и постои надвор од светот на оние кои нештата би ги свеле на мерење. Јас не сум во натпревар со никого.

Јас имам деликатен однос со мојата муза и чувствувам дека ми е должност да ја заштитам од влијанија кои можат да ја навредат нејзината кревка природа.

Таа доаѓа кај мене со песна како дар, за возврат јас ја третирам со почит што чувствувам дека ја заслужува - во овој случај тоа значи да не ја подложувам на недостоинственоста на проценките и конкуренцијата. Мојата муза не е коњ и јас не сум во трка со коњи но и да бев, немаше неа да ја впрегнам во оваа кочија - крвава количка со отсечени глави и блескави награди. Мојата муза може да се уплаши. Може целосно да ме напушти!

Уште еднаш, до луѓето во МТВ, ја ценам ревноста и енергијата што беа вложени во мојата последна плоча, благодарам, уште еднаш велам благодарам, но...не, благодарам.

Со почит,
Ник Кејв

21 октомври 1996

 

1 август 2022 - 11:03