Санитарен преглед на нашите евро-интеграции

Кај што Брисел оди пеш

И така, јас наполнив петнаесет години без да имам какво било лично искуство со славната европска раса којашто во мојата детска глава веќе беше добила гуливеровски димензии… И би така, сè до оној ден кога мајка ми ритуално нè собра во трпезарија и со растреперен глас свечено ни најави: “На гости ни доаѓа Европа!”.

Вековен е стремежот на мојот народ за приклучување кон големото семејство на европските народи.

Вековен и не многу промислен.

Кога велам “непромислен”, не мислам “брзоплет” или “глупав” – но секој оној што барем пола саат седел на македонска софра знае дека во главата на просечниот Македонец приказната за Европа е издигната на ниво на магичен мит: светкав, блескав и бајаги маглив. Можеби нема да згрешам ако патот на македонската нација кон чудесната европска цивилизација го споредам со патот на оние наши охридски јагули коишто поминуваат илјадници километри за да се мрестат во некаква северноатлантска припиздина. Не дека не можат да се плеснат насред Дрим, ама во Саргасово Море им е некако троа повеќе шик. А да ги прашаш: “Добро бе, јагули, оти така?”, само ќе те изгледаат мутаво ко сомови и ќе се измиголат како... па, како јагули. Но сакале тие да признаат или не, факт е дека ниту една наша јагула не ни се вратила како златна рипка или барем бела ајкула, ко што ниту еден наш Македонец од Европа не си дошол дома попаметен или барем разубавен. Ама ете, иако и ние и јагулите преќутно знаеме дека тоа си е така во животот, сепак и ние и тие пак одново и наново се стремиме понадвор. Што би рекле кумановци, “да ни види дупе пут!”.

Оваа дилема деновиве прилично ме вознемири. Мислам, убав е патот по кој сме тргнале – ама што ќе правиме кога ќе стигнеме? Веќе го замислувам тој далечен ден кога Република Македонија Ќе влезе во долгопосакуваната Европска Унија: од една страна, нивните залижани бирократи, на кои ова проширување им значи колку што мене би ми значело да си ја проширам гаражата за уште пет инча; од друга страна насмеаните Македонци, со торби полни подароци во форма на свежи пиперки и тегли со ајвар, ко некои добродушни провинциски тетки Што дошле во посета на блудниот внук што студира моден дизајн во големиот непознат град.

Не можејќи да ја истерам оваа мисла од себе, решив да се проврткам низ моите сеќавања, да се вратам наназад во годините на моето детство и да се обидам во времето што поминало да ги лоцирам нашите први контакти со тој грандиозен и застрашувачки поим: Европа!

Рака на срце, никаков допир со Европа ние немавме. На она што тогаш се викаше “наше море” доаѓаа некакви европски туристи, ама ние со тие луѓе не остваруваме ништо повеќе од површен хабензи-цимер-фрај контакт (со исклучок на главно измислените приказни на постарите батковци за некакви врели Швабици и разноразни Швеѓанки од бензински пумпи). По автопатот Братство-Единство секое лето се слеваа колони европски возила, комбиња, мотоцикли и леки коли со приколки – ама ниту една од нив не подзапре за да не’ запраша како сме и што правиме (додуше, понекогаш запираа и прашуваа: “Тесалоники?”, а ние цели среќни мавтавме со раце велејќи: “Дис веј, џаст!”). Повремено доаѓаа и нашите горди гастарбајтери, нашите вредни работници засекогаш заминати на привремена работа во странство, те со важна става ни делеа швајцарски чоколади и француски коњаци – ама сето тоа ни за милиметар не ја доближи ниту Европа кон нас, ниту нас кон Европа.

И така, јас наполнив петнаесет години без да имам какво било лично искуство со славната европска раса којашто во мојата детска глава веќе беше добила гуливеровски димензии… И би така, сè до оној ден кога мајка ми ритуално нè собра во трпезарија и со растреперен глас свечено ни најави: “На гости ни доаѓа Европа!”.

Од денешна перспектива гледано, стануваше збор за патетично претерување: на гости не ни доаѓаше никаква Европа, туку госпоѓата Б.Б. од Финска, Школска другарка на мојата покојна баба - ама за моето семејство таа посета имаше историска тежина рамна на престојот на рахметли принц Фердинанд во Сараево. Од една страна, мајка ми беше поласкана што конечно ќе ја угости легендарната мадам Бу-Бу, опеана во безбројните приказни за згодната нашинка што на млади години бега од мрачниот Балкан за да блесне со ново име и нов сјај во светот на скандинавскиот џетсет.

Од друга страна, за татко ми Блажо оваа визита претставуваше квалификациски А-тест, те тој побрза да ја зачисти викендицата во село Чучер-Сандево не би ли ја приспособил кон европските стандарди.

Од трета страна, јас и сестра ми бевме до несвест возбудени од можноста конечно ем рамноправно да седнеме тет-а-тет со оригинал-Европеец, бидејќи мадам Бу-Бу најави дека ќе пристигне придружена од својот сопруг, до ѕвезди издигнатиот доблесен интелектуалец со благородна крв и звучно име: господинот Н.Бу.

Висинските подготовки ни беа навистина на висина: мајка ми го извади својот арсенал од правливи тефтери испишани со рецепти и деноноќно тренираше правење некакви барокни јадења со звучни кајзерлише-кунинглише имиња, додека пак татко ми Блажо пристапи кон реновирање на полураспаднатиот ќенеф и инсталирање туш-кабина во полски услови. Се разбира, тој го презеде техничко-организацискиот дел од работата, додека градежната изведба ми се падна мене – на мое огромно незадоволство.

- Добро, ќе ми објасни ли некој зошто јас го фарбам овој ќенеф?

- Затоа што на гости ни доаѓа фин свет, од Финска. А Финска не е во Дисан Долни, туку Финска е во Европа! Разбра сега, бе шапшал?

- Па што, демек во Европа не виделе нефарбан ќенеф?

- Е па богами не виделе! Историјата на нивните санитарни јазли е стара колку и историјата на нивните држави. Во Европа, куре едно, тоа се вика тоалет и се состои од писоари за стоење и школки за седење. Од друга страна, ќенеф е турски збор што ни го наметнале османлиските освојувачи и во ќенеф не се седи европски отмено, туку се чучи ко на Бит-пазар.

- А кај сме чучеле пред да дојдат Турците?

- Никаде! Сме оделе зад куќа и сме се криеле по грмушки, ама немој тоа да го лаеш пред гостите од Европа пошто има да ми те здробам кога Ќе си отидат.

- Договорено. Имам уште едно прашање, може?

- Може, ако е последно.

- Зошто јас немам викендичка на Маврово како сите други докторски деца што имаат, туку ти запна да изградиш куќа баш во Чучер, каде што нема канализација?

- Затоа што тоа се модерни европски трендови, бе курајбер! На современиот европски човек му е преку глава од цивилизација, тој е во потрага по природна убавина незагадена од човечката рака. Европеецот бара егзотика, здрав живот, селски туризам, ти текнуе? Муда од лабуда што ти текнуе. Ајде фарбај и не паламуди, сакам до навечер сè да биде цакум-пакум светнато, ко да сме усред Европа!

И така, опиени од аромата на канти со поликолор, измешана со кујнската миризба на препржени шварцвалдер-јагершницел, брзо ни итаа дните во пресрет на големиот ден на нашето европско обединување. Деталниот план и програма за аудиенцијата на високата странска делегација предвидуваше комшијата Миле да ги пречека гостите во Скопје, те по кус престој и информативна обиколка на културно-историските знаменитости на нашиот главен град, со својот фиат-124 да ги превезе во природната оаза на незагадена егзотика, здрав туризам и муда од лабуда.

Избањати уште од рано сабајле (над бунар, пошто водата во полскиот туш со помош на соларна енергија се грееше ексклузивно за драгите гости) се распоредивме во неколку стражарски смени и со двоглед го набљудувавме патот по кој требаше да дојури белиот фиат-ченто-венти-кватро, гордоста на талијанската автомобилска индустрија и симбол на општествениот стандард на доцниот југословенски самоуправен социјализам.

Моите родители ги измачуваа дилеми:

- Миле е рафиниран човек, тука нема збор: му кажавме да не се клацка преку Шутка, туку да фати по оној широкиот калдрмисан пат од кај Бутел…

- Па? Кај е тука проблемот?

- Па проблемот со Миле е што ептен ја пази таа ладата…

- Мислиш на фиатот?

- Фијат, лада, иста патка! Кога Ќе дојде до кај нас, нема да сака да ја тера колата нагоре по ридот, башка не е ни асфалтиран тој дел од патот…

- Аух, да! А ако паркира кај потокот, Ќе мораат пешки да ги качуваат последните триста метри, а госпожа Бу-Бу и господинот Н.Бу се господа луѓе, плус се на стари години...

- Ќути, жено, се избрукавме!

Некаде околу пладне, во далечината се појави бел облак прашина, токму на местото каде што завршуваше селскиот асфалт и почнува камено-калливата патна делница пресликана од филмот “Патека на слоновите”.

Негибнатата природа затрепери од ненадејни човечки крикови:

- Иде Миле!

- Ја паркираше ли?

- Не, ја тера нагоре!

- По ридот ли?

- По ридот!

- Браво бе, Миле, образ ни осветли!

- Деца, наредете се на скалите.

- Дај гибаницата!

- Оф, леле…

- Па ти реков пази, вруќа е!

- Тури ракија!

- Пушти музика!

- Пали агрегат!

- Вади фотоапарат!

Со чкрипка на кочници белиот фиат запре пред нашата капија. Вратата на совозачкото седиште се отвори како во слоумоушн, а од неа излезе стамената фигура на господинот Н.Бу - првиот Европеец што стапнува на нашето чучерско тло, во нашите домородечки очи голем ко Колумбо и значаен небаре е Нил Армстронг што стапнува на Месечината… Рацете што држеа врела гибаница речиси сами се кренаа за добредојде, усните неконтролирано ни се искривија во срдечна насмевка, а колената заклецаа во пресрет на милиот гостин со кралски светол тен…

Но предводникот на хелсиншката делегација наместо кон нас, со брзи чекори поита нагоре по ридот. По него од фиатот-124 изрипа елегантна дама во зрели години, со прекрасна руса коса, долги маникирани блескавоцрвени нокти и гардероба во живи бои, какви што јас дотогаш немав видено (моите баби и прабаби главно носеа црнина и сиви грао-драп тонови). Високиот и елегантен старец успеа да измине уште два-три метра, а потоа нагло се наведна како куршум да го беше погодил во стомакот. Жената извика нешто на некој нам непознат јазик, а тој само одмавна со едната рака додека со другата во два потега ги откопча панталоните… Девствената селска егзотика за миг беше заблесната од белината на неговата долна облека, по што облеката слизна надолу следена од старечкиот задник, кој иташе во пресрет на мајката Земја.

А потоа настана исконска тишина, прекинувана само со звуците на вечната претворба на материјата во енергија, те обратно.

Идниот интелектуалец се разбуди во мене, те почувствува инстантна глад за информација:

- Тато… што прави бе овој?

- Чучи.

- А зошто чучи?

- Ај ти влагај во куќа да не ти ја влепам една!

Во долгите мачни часови што следуваа на теренот, тимовите на домашните и гостите со здружени сили се обидоа да направат реконструкција на настаните. Завиткан во ќебе и со згазено достоинство (но сепак освежен од полскиот соларен туш), господинот Н.Бу тивко пелтечеше, а мадам Бу-Бу ни преведуваше што точно се случило:

- Нему му е ужасно непријатно поради сево ова…

- Ма дајте, госпожа, па луѓе сме, секому може да му се случи…

- Туку, да му згрееме ние една ракија стомаклија, тоа е добро за перисталтика, а?

- Де бре, пуштете го човекот да се доискаже!

- Стварно, што вели?

- Вели дека нему му е страшно драго што е овде и дека многу му се допаѓа вашата земја и навистина му беше возбудлива прошетката низ вашиот главен град…

- Миле, им го покажа гробот на Гоце?

- Блажо, не е сега баш моментот…

- Де па ти, бе жено…

- …ама вика дека вашата храна му е пресилна и премрсна…

- Каква храна?

- Па уште не сме ја ни пробале гибаницата…

- Уф… не е до гибаницата… Луѓе, овој збори за чварките!

- Кои чварки, бе Миле?

- Моите од Србија ми пратија канта со чварки, ептен им се погодија годинава, па јас му дадов да проба сабајлево…

- …и вели дека тој не сакал да ве навреди одбивајќи ве, но дека неговиот желудник едноставно не може да свари такво нешто…

- Па барем да ги мацнеше со лепче…

- Па му дадов од оној скроз белион “Лепа Брена”, ама рече дека избегнува тесто!

- …и вели дека попат дискретно побарал јавен тоалет, ама вие не сте го разбрале…

- А и да сум го разбрал, што фајде? Кај да му најдам јавен тоалет сред чаршија?

- …и вели дека возењето по оној нерамен пат дополнително му го раздразнило стомакот…

- Ова за калдрмата ли збори? Миле, па нели можевте и преку шутка?

- Па нели ми рековте да не одам преку шутка?

- …и додава дека оваа последна делница навистина не можел да ја издржи…

- Пу, како не паркирав кај потокот…

- А од кај си можел да знаеш, бе баце?

- Ќути, подобро вака! Како ќе го качевме после до горе?

- Право збориш! Ќе го перевме на извори.

- Ама ај сега, бидна веќе…

- Да сме живи и здрави.

- Жено, дај ракија!

- Ајде, добредошле!

- За многу години!

- И пак да ни дојдете!

И така, збор по збор, чашка по чашка, нештата си се вратија во нормала. Господинот Н.Бу покажа дека е вистински џентлмен, кој умее со еднакво достоинство да се носи и со титулите што му ги дало општеството и со ниските удари што му ги зададе природата, а пак шармот на госпожа БуБу успеа сосема да ги засени немилите пладневни настани. Во деновите што следуваа викендичката се тресеше од смеа, песна и добро расположение, а кога конечно одѕвони мигот за разделба не се знаеше кој со кого е позбратимен: Хелсинки со Чучер или Чучер со Хелсинки.

И од целата оваа калакурница немаше да остане ни белег ни трага доколку не одлучевме узгорницата над нашата капија да го понесе името на драгиот гостин од далечната нордиска земја.

Во спомен на тој неславен ден кога ја посравме работата со Европа.

Или кога Европа се посра на нас, сеедно.

Дарко Митревски, 2009-та

16 март 2021 - 11:42