"По неколку неуспешни обиди, новинарите од Македонија и за оваа година најавуваат одржување на журналистичка парада во центарот на Скопје. Нивната кампања повторно е здушно помогната од некои странски центри за моќ кои со години упорно се обидуваат да ни ја протнат оваа нивна дејност како нормална и да ја легализираат нивната склоност кон неутрално и објективно известување.
Од разбирливи причини, организаторите на новинарската парада сакаат да останат анонимни бидејќи стравуваат од реакцијата на јавноста која се уште не е подготвена да ги прифати како нормални луѓе кои слободно решиле да се занимаваат со оваа професија.
"Македонската јавност еден ден ќе мора да прифати дека и ние сме луѓе како и сите други. Оваа генерација можеби нема да го дочека тој ден но ние сме подготвени за долга битка за легализација," ни изјави еден од организаторите мечтаејќи за ден кога тие ќе можат слободно да се здружуваат и во редакции.
Во бројната хомосексуална заедница во Македонија веќе се шпекулира дека и меѓу нивните редови постојат таканаречени новинари. Некои кругови се спремни да лицитираат и со имиња велејќи дека е јавна тајна кои сè луѓе од градот тајно се занимаваат со новинарство. "Сите знаеме кој се прави нормален а уствари е журналист во душа", да цитираме само еден вообичаен коментар од интернет. Има и такви што се шегуваат па велат дека "од еднаш не се станува новинар".
Умерените хомосексуалци велат дека секој има право да живее во согласност со своите склоности па дури и новинарите. За разлика од нив, милитантното хомосексуално крило вели дека ако тнр новинари се осмелат да ја реализираат својата агенда, тие со сите сили ќе го спречат обидот за јавно промовирање на ова неприродно и развратно занимање.
"Таква професија нема корен на овие простори. Не ни требаат такви луѓе. Замислете, сите да сакаат да станат новинари, како ќе се размножуваат останатите професии?" запраша лидерот на милитантната ЛГБТ - Народна на брзо свикана прес конференција во нивниот штаб "Козметичар Верче".
Дали новинарите годинава ќе успеат да излезат од долгогодишната сенка, дали ќе го надминат својот страв и ќе смогнат сили јавно да продефилираат на парадата "Уби ме прејака реч", ќе видиме во мај".
"Смечер", Скопје, 02.02.2020