Друг е виновен

Новата влада, штотуку седната наоѓа дупка од милијарди евра во јавниот долг оставена од претходната влада, а претходната влада, незадоволна од овие тврдења, ја обвинува онаа пред неа, а оваа пак таа што дошла пред неа, сè додека не стигнат до влада временски толку далечна што сите нејзини членови се мртви, а и тие, од гробот негодуваат дека виновни се оние што биле пред нив.

Типично за оваа земја: секогаш е виновен некој друг. Секогаш е виновен оној што претходно доаѓал, оној што пред нас работел. Ако го смените забарот, тој ќе ве прегледа и ќе почне да бледее в лице, терајќи ве да посакате да умрете, па ќе ви каже: ‘Видете, јас никогаш за колегите лош збор немам кажано, ама овде ептен ја засрале. Леле, види што направил’. А вие не знаете доволно за да му контрирате ниту пак да се посомневате во она што ви вели, но и не си го поставувате проблемот зашто устата ви е полна железа и не можете да зборувате па затоа инкасираш и се потчинуваш, немо и беспомошно.

И плаќате 1.200 евра.

Исто ако ви се расипе скутерот и го однесете на механичар што не го познавате: го гледа скутерот и почнува да се смее; ама онака искрено: ‘Кој буричкал овде, а? Некоја бараба, ете кој. Види што направил’, истата фраза на забарот. Исто и со водоинсталатерот кој ви вели дека оној пред него ја направил – којзнае, можеби намерно – катастрофата со варовникот и сега се мора да се менува, како и со ѕидарот, кој го обвинува оној што претходно ја завршил работата дека користел неквалитетни и застарени материјали, за да заштеди на трошок. Оној пред него? Бараба.

Иста работа и со новата влада, која штотуку седната наоѓа дупка од милијарди евра во јавниот долг оставена од претходната влада, а претходната влада, незадоволна од овие тврдења, ја обвинува онаа пред неа, а оваа пак таа што дошла пред неа, сè додека не стигнат до влада временски толку далечна што сите нејзини членови се мртви, кои пак, дури и во гробот негодуваат дека се виновни оние што биле пред нив.

И целата земја вака оди понатаму, преку низа измами за кои секогаш е одговорен претходниот, или оној пред него, и во ниеден случај тие што ги прават истите во моментот, и сето ова е дел од една типично италијанска магија, милиони граѓани и ниту еден со грам одговорност... ова огромно верижно писмо е забава за речиси сите освен за оние што остануваат измамени и гледаат наназад со чудно чувство на меланхолија, на непријатност, зашто е невозможно да се разбере од каде доаѓа измамата, можеби од други епохи, од далечни времиња во кои луѓето шетале боси и умирале од старост на триесет години, но веднаш потоа им се враќа расположението, зашто измамата како што си ја примил така можеш и да ја вратиш: големи професионалци сме ние во оваа подмолна игра каде победува најсмелиот и најдрскиот ‘како да не’ ‘да беше до мене’ ‘да зависеше од мене, и тоа како’.

Што им значи ова? Што велат? Не е важно. Зашто во меѓувреме се разви цела една заедница на луѓе, лажно потресена од невољите предизвикани од други, но веднаш подготвени, за добар хонорар, да ја исправат штетата. ‘Сепак штетата е сериозна, знаете?’, ‘Да не претеруваме.’, ‘Се обидуваме, но не значи дека ќе успее.’, ‘Се обидуваме, но чуда не правиме.’ Кога во реалноста вистинското чудо е самoто писмо, заради кое веќе од утре други ќе коментираат за машината за перење, за скутерот, за катникот, за владата и уште еднаш ќе речат: ‘Овде господа се мора да се менува, други се виновни, ние ќе се обидиме. Да се надеваме на добро.’

Матија Торе
(1972 - 2019)

Превод: Никола Димитров

1 февруари 2021 - 11:51