Кај Летерман настапи виртуелна гостинка

Опишана како „компјутерски генериран вокалоид", Хацуне Мику има одржувано дури и концерти во „родната" Јапонија. Но вчера прв пат настапи во големо телевизиско шоу, и тоа кај Летерман. Ете, и тоа се случи.

Пред некое време ви ја препорачавме серијата „Црно огледало"  со напомена дека таа визионерски ги истражува оние аспекти на технологијата, со кои допрва ќе се соочуваме. Во една од епизодите виртуелен-водител, во форма на сино мече, прави ТВ-шоу во кое ренда политичари и станува толку популарен што се кандидира за локални избори. При крај веќе не е јасно кој е тука лик од цртан, кој политичар, а кој гласач.

Епа слично на ова, но во многу побенингна форма (тоа така почнува..), вчера (8.10) на шоуто на Дејвид Летерман настапи виртуелниот идол Хацуне Мику, 16-годишна девојка како излезена од аниме, која пее, игра и на крај се поклонува пред публиката. Името на јапонски ѝ е кованица од „глас" и „иднина".

Летерман, очигледно замаен од она што го сведочи на негови 67 години, на крајот од видеото го споредува искуството со ретро-метафора: „Ова ти е ко да си во автобусот на Вили Нелсон". Како што тргнало, може и стварно да бидеш на него кога ќе посакаш. Море, и да го возиш.

9 октомври 2014 - 10:31