Дубиоза Колектив го претставува новиот сингл насловен „КАЖУ", со кој се најавува шестиот студиски албум на бендот.
Новиот албум на Дубиоза Колектив, насловен „АПСУРДИСТАН" ќе биде објавен на 15ти април. Елекронското издание на албумот ќе биде достапно за бесплатно преземање на веб страницата www.dubioza.org , а истиот ќе има и свое физичкото издание, кое за Македонија ќе биде објавено под етикетата на Пасворд Продакшн и Антена 5 Радио.
„Песната 'Кажу' е инспирирана од општоприфатените 'вистини' со кои сме секојдневно бомбардирани преку медиумите, рекламите, соседите, блиските и далечните роднини. Тие 'вистини' се најчесто засновани на непроверени информации и гласини и имаат малку или воопшто основаност на реални факти. Со помош на магичниот збор 'велат' се надоместува недостатокот на аргументи затоа што она што мнозинството (нацијата, соседите, светот) го мисли е веројатно вистина и од поединецот се очекува да го стори токму она што мнозинството го вели. Велат првиот сингл од албумот е најдобар показател каков ќе биде остатокот од албумот, но и дека првите мачиња се фрлаат во вода така што уште не знаеме од која воденица ќе налее водата во овој случај." – велат членовите на бендот.