Ватиканската полиција го уапси Ерјол Нако, 39-годишен Албанец со досие за дилање дрога, кој се обидел со кола да влезе во резиденцијата на Папата.
Неговата поранешна партнерка за полицијата раскажала дека со Нако веќе пет години имаат спор околу старателството на нивните две деца, и дека во последно време тој „станал опседнат со религиозен мистицизам“.
„Тој зборува дека е Архангел Михаил и дека ќе ми ја отсече главата со меч, исто како што светецот му ја отсече на Ѓаволот,“ изјавила поранешната партнерка.
Во овие 5 години, таа се обидува да ги убеди италијанските судови во „лудилото и опасноста“ на Нако. Таа раскажува дека последните закани од Нако еволуирале во „бесмислени, мистични и избезумени мејлови“.
Пред да биде уапсен Нако не застанал на една проверка пред влез во Ватикан, по што со своето БМВ се залетал кон плоштадот Свети Петар, пред да се исклучи на патот кон влезот на резиденцијата на папата.
Таму му биле затворени портите, а полицијата почнала да пука во гумите на возилото. На крај тој врти во една уличка каде се удира во полициска блокада. По ударот продолжил да дава гас, додека полицајците не го извлекле од колата.