Кримски Татари и зошто не се сите староседелци домородци

Опишувајќи ги Кримските Татари, кои се единствени жители на полуостровот кои не ја гледаат Русија како свој дом, во изминатите неколку недели најчесто се користи терминот "оригинални жители." Не многу правилно.

"Деновиве на темата на Радио Дојчланд збореше "сериозен историчар" и професор по источно-европска историја, кој објасни дека: 'оригиналните жители на полуостровот уште од крајот на Средниот век се Татарите.' Кога сфати дека стапна на семантичко минско поле, тој дообјасни: 'Пред нив таму имало други оригинални жители.' Тој ги спомна Таурите, како што во античко време биле нарекувани жителите на Крим, и градот Кафа кој подоцна бил основан од еден трговец од Џенова," пишува Матијас Хајне од германски Велт.

Според речник "оригинални жители" се дефинирани како "членови на оригиналната популација," а "оригиналната популација" е "првата, домородна популација на едно место." Што значи дека дефиницијата не ги опфаќа Кримските Татари кои се населуваат на полуостровот во вториот дел од Средниот век по монголските напади на Источна Европа.

По оваа основа во Европа има само две етнички групи кои можат да се сметаат за домородни. Едната се Сами, на екстремниот север од континентот, а втората се Баските.

"Исто и германскиот народ не е домороден во Германија. Тие како и сите други групи кои ги зборуваат индо-европските јазици се потомци на индо-европејците кои на бранови се ширеле на исток, запад и југ од регионот на север од Црното море од 4.400-та до 2.200-та година п.н.е." објаснува Хајне во Велт.

Според него потребата од користење на зборови како "оригинална популација" е за да се избегнат зборови како "домородци" кои звучат навредливо и потсетуваат на колонијализам.

26 март 2014 - 17:39