Директорката Кимберли Читл, од која некако логично се бара да поднесе отказ, објаснува дека при планирањето на обезбедувањето на говорот на Трамп бил земен предвид и магацинот од кој се пукаше на поранешниот претседател, меѓутоа било проценето дека локацијата е премногу ризична за на нејзе да се стави агент.
Наместо тоа била донесена одлука тим снајпери од локалната полиција да биде сместен внатре во истиот објект од кој е пукано.
„Таа зграда има посебно накосен кров на самото слеме. Па заради тоа има безбедносен фактор кој треба да биде разгледан заради кој не можеме да ставиме некого на накосен кров.
И, беше донесена одлука објектот да се обезбеди од внатре,“ објаснува Читл во разговор со Еј-би-си.
Резултат на ова е дека 20-годишниот неуспешен атентатор успева да се качи и позиционира на кровот, таму да дреме некое време и да остане непопречен и покрај бројните апели и предупредувања од насобраниот народ до присутното обезбедување.
Според Читл обезбедувањето било алармирано за „присуството на заканата“ меѓутоа неговите агенти не успеваат да го елиминираат на време.
Републиканците веднаш ја нападнаа Читл дека таа е дојдена на првата позиција во Тајната служба чисто заради квотите за застапеност на жените на високи позиции и дека вакви работи се случуваат кога работните позиции не ги пополнуваш со најдобрите.