Серискиот шпиoн што го изработи досието за Трамп

Оперативецот што на Американците им го испорача досието за наводните компромитирачки материјали што Русите ги имаат за Трамп е поранешен агент на англиската МИ6. Ова е истиот човек што минатата година на ФБИ му ги испорача материјалите за корупција во ФИФА.

Агентот е идентификуван како Кристофер Стил, кој минал повеќе години во МИ6, работејќи како дипломат во Русија, Париз и во британското министерство за надворешни работи во Лондон.

Неговиот авторитет кај ФБИ се базира на испораката на документите за корупција во ФИФА, по кои беше започната истрагата и кои доведоа до речиси комплетна смена на раководството. Екипа на ФБИ задолжена за истрага на "Евроазискиот организиран криминал" прв пат се среќава со Стил летото 2010, за да разговараат за обвинувањата за можна корупција во ФИФА. Компанијата на Стил претходно беше ангажирана од Британската фудбалска асоцијација да ја истражи ФИФА, додека Британците се обидуваа да ја добијат организацијата за Мундијалот 2018 или 2022.

Во американската политика Стил влегува преку Фјужнгпс, фирма од Вашингтон која бара од него да го истражи Трамп во име на неименувани републиканци кои сакале да го спречат обидот на Трамп да стане републикански кандидат за претседател. Најверојатно нарачател на истрагата е Џеб Буш.

Фјужнгпс го продолжува ангажманот на Стил и по победата на Трамп, а работите што тој ги открива стигаат до Демократската партија и дел од медиумите.

За Трамп, Стил со ФБИ соработува со истиот агент со кој работел на ФИФА. Меѓутоа агентот е преместен во Европа, а фрустриран од бавната работа на бирото Стил ја прекинува соработката на еден месец пред изборите на 8-ми ноември. ФБИ првично имаат отворено истрага за Трамп и неговите блиски која делумно се базира на извештаите на Стил, меѓутоа пред изборите Бирото ја става целата работа на пауза за да избегне мешање и влијаење на гласањето.

Слика од Кристофер Стил објавена од британски Сан

Материјалите на Стил неколку месеци вртат меѓу медиумите, меѓутоа ниту тие, ниту разузнавачките агенции не успеваат да ги потврдат наводите во нив.

Откако Базфид објави дел од материјалите на Стил, тврдењата во нив беа негирани и од Трамп и неговите соработници, и од руските власти.

 

14 јануари 2017 - 16:23