Глобалните платформи за плаќање се соочуваат со сериозна тужба во име на британски компании за кршење на анти-конкурентските правила.
Лондонската адвокатска фирма која го води случајот е оптимист дека ќе го добие најголемиот случај за отштета во историјата на земјата, и дека од Мастеркард и Виза може да искамчи и 10 милијарди долари.
Случајот ќе го води Британскиот трибунал за заштита на конкуренцијата, кој ќе треба да процени дали овие две фирми наплаќале поголеми маржи отколку што е нормално. Се работи за оние навидум ситни надоместоци (бонче по бонче - милионче) кои бизнисите ги плаќаат на банките за да примаат уплати од кредитни или дебитни картички.
Овие надоместоци наречени MIFs (multilateral interchange fees) сочинуваат и до 90% од парите што за услуги им се плаќаат на банките.
Според тужбата, ваквите маржи немаат никаква пазарна логика, не се фер и не треба да ги има. Извори на Скај Њуз тврдат дека тужителите очекуваат минимум 7,5 милијарди фунти за обесштетување.
Истата фирма лани ги тужеше двете компании за „дерење“ на британски фирми кои се занимаваат со туризам и тн сервиси на гостопримство, дека поскапо наплаќале за странски картички.
Мастеркард и Виза се под критики и дека британските потрошувачи ги кинат повеќе после брегзит.