Нова апликација, која работи во тандем со Фејсбук Месинџер, овозможува испраќање анимирани цитати од значајните книжевни дела на вашите пријатели. Името на апликацијата е прилично софистицирано: GIF Quotes.
Последниве неколку недели Колбер и неговите фанови ги минаа потсетувајќи на најдоброто од неговото шоу. Она за што помалку се зборува кога се прави ретроспектива на неговото медиумско влијание е начинот на кој ги промовираше писателите и читањето воопшто.
Едно неодамна започнато истражување ќе се обиде да даде одговор на тоа дали и како читателите го слушаат она што го кажуваат ликовите во книгите. Ако и вам ви се случува ова (а немојте да кажете дека не, затоа што тогаш ќе се чувствуваме чудно) одговорете на прашалникот и учествувајте во него.
Англискиот тим е родово и жанровски мешан, па ги содржи и Ник Хорнби, но и Агата Кристи. Американците се многу јаки со Хемингвеј и Фицџералд, но Селинџер често не им се појавува на тренинзи. Каков би бил македонскиот?
Ви пренесуваме дел од музичката критика на Мухарем Баздуљ за новиот албум на Спрингстин во белградско Време, не само затоа што албумот ни се допаѓа, туку пред сè затоа што текстот е одлична илустрација како некој кој вообичаено се занимава со книжевност ги лови токму таквите - книжевни - моменти и кога станува збор за музиката.
Прв пат го забележавме Том Голд преку неговото стрипче за улицата на која растел Вејтс. И кога би требало да се одлучиме помеѓу него и, на пример, xkcd на Рандал Манро, тоа навистина би бил тежок избор. За среќа никој не го бара тоа од нас.
За да бидеш одличен во прогнозирањето кој ќе ја добие наградата на Шведската академија во областа на литературата се потребни извесни квалификации. Познавањето на она што го напишале кандидатите не е една од нив.
Марсел Рајх-Раницки повеќе од половина век беше највлијателниот книжевен критичар во германското говорно подрачје. Писателите му се плашеа, а читателите го обожаваа, особено кога се сликаше како кине книга која не му се допаѓа.
Како кога во кулинарството ќе се помешаат навидум неспоиви вкусови, така и мешањето на уметнички дисциплини често знае да отвори неочекувани хоризонти. Матео Периколи тоа го прави со архитектурата и книжевноста.
Овој месец New York Review of Books прославува 50 години од своето постоење. Нарекувано „најдоброто литературно-интелектуално списание на англиски јазик" и „главен теоретски орган на Радикалниот шик", тоа содржи и рубрика - лични контакти!
Помеѓу сите урнебесни достигнувања кои оваа година заслужено ја добија Иг нобеловата - пародијата на вистинската Нобелова награда - едно остана неправедно маргинализирано.
Арапските дипломати во Франција се остро критикувани заради повлекување на паричниот дел од книжевната награда која ја спозорираат. Причина за повлекувањето: лауреатот, познатиот алжирски писател Буалем Сансал, неодамна го посетил Израел.
Рака на срце, и не сме толку изненадени што фотките од бугарските матурантки доживуваат таква популарност. Бизарното, абјектното, „кемпот" истовремено одбива, но и магично привлекува. Она што на филозофско ниво нè предизвикува е нешто друго.