Одговор на тимот МојТермин

По две писма на наш читател околу тоа како функционира закажувањето термини за здрaвствени прегледи (накратко, дечкото е отечен со смс пораки за непостоечки прегледи), конечно имаме официјално објаснување од екипата која го изработува и одржува системот. Накратко: победата е блиску. Вака викаат:

повод: Термину мој, проблем е твој 2.0

----------------------------
Во врска со упатените забелешки за потсетувањето за закажаните термини со СМС порака, информираме дека тимот на МојТермин ја воведе оваа функционалност со цел доследно почитување на закажаните термини од страна на пациентите.

Оваа функционалност е воведена од 16.12.2013 година. На дневна основа се испраќаат во просек по 4,500 СМС пораки како потсетување за закажаниот термин. Пред воведувањето на овој начин на потсетување, бројот на пациенти кои не се појавиле на закажан термин изнесуваше 28% од вкупно креираните упати, односно од 89-95,000 закажани термини месечно не беа искористени поради недоаѓање од страна на пациентите. На овој начин, се креираше нереална листа на чекање поради која беше оневмозможено добивање навремена здравствена услуга за пациентите на кои им е навистина неопходна.

Во првата година од примената на потсетувањето за закажан термин со СМС порака, тој процент се намали на 12%, а моментално за месец февруари и март изнесува помалку од 7% односно од 20-23,000 неискористени термини.

Со цел комплетно функционирање на СМС потсетувањето, пациентите оставаат број на мобилен телефон за контакт при закажувањето. Исто така, обврска на здравствените установи е да ги известат сите пациенти кои се закажани кон одреден доктор/апарат, во случај прегледите да не можат да се извршат (поради боледување на доктор или дефект на апарат).

Во интерес на пациентите е да остават точни податоци за контакт. За илустрација, кога пациент од внатрешноста би оставил погрешен број на мобилен телефон, а има закажано термин кон компјутерска томографија, а притоа на тој апарат еден ден пред закажаниот термин настанува дефект и поради погрешниот број за контакт установата не е во можност да го извести пациентот да не доаѓа на терминот, тогаш самиот пациент би претрпел штета.

Многу од здравствените работници оставаат лесни или таканаречени "златни" броеви за СМС известување, но системот ги блокира сите броеви каде забележа почесто впишување на истите за таа потреба, иако можно е да се појават нови кои немаат толкава фреквенција за да бидат забележани.

Апелираме дека пациентите можат да реагираат доколку добиваат пораки за закажани термини кои не се наменети за нив, со испраќање порака на официјалната веб страна на Министерството за здравство, со испраќање mail до тимот на МојТермин - mojtermin@zdravstvo.gov.mk, или со повик кон 15 444.

Тимот на МојТермин е во фаза на подготовка на сервис, со кој пациентите преку испраќање на СМС порака кон бројот 144 194 можат да го прекинат известувањето во иднина, и да не добиваат повеќе пораки на бројот од кој е пратена таа СМС порака. Сервисот ќе биде достапен кон крајот на неделава.

Поздрав,
Мој Термин

18 март 2015 - 18:23