Потребни состојки:
- 8 домати
- 1 црвен кромид
- 4 чешниња лук
- 1,5 веге супа
- 125 мл павлака за готвење
- 2 ловорови листа
- моцарела
- краставица
- сол и бибер
Селење! Па има ли нешто помачно и подосадно од тоа? Нема! На почеток си правиш план во глава и си велиш "па добро бе, немам многу ствари", за на крај кога ќе дојде до чинот да не знаеш каде ти е главата. Ај тоа, него што добиваш запалење на мускули и тоа на мускули што не си ни свесен дека постојат, е тоа е друга работа. Ќеси црни, ќеси плави, ќеси жолти, кутии... Станав експерт за која ќеса е најдобра. А па од друга страна сфаќаш колку глупости си имал по дома и се ослободуваш од нив по најбрза постапка. Исто така, многу ми се допаѓаат оние моменти кога четворица носите нешто ултра тешко и не смееш да се опуштиш и во истиот момент почнува да те чеша нос, уво, грло и збудалуваш!
Сума сумарум, сé се заврши во најдобар ред. Мимо тоа, имаше и време за нешто да се зготви. Денес на мени - супа од домати.
Чекори за подготовка:
- Обложете ја тавата за печење со алуминиумска фолија. Пресечете ги доматите на пола и ставете ги во тавата. Ставете го целиот кромид без да го лупите.Испрскајте све со маслиново. Во друга фолија ставете го лукот, без да го чистите, попрскајте го со маслиново и ставете го во тавата.
- Печете 1 час на 180 степени. Откако ќе се испечат извадете ги и оставете да се оладат.
- Во длабок сад направете 1,5 веге супа од коцки. Излупете ги доматите, кромидот и лукот и додадете ги. Ставете го и ловоровиот лист и гответе 20 минути.
- Тргнете го ловоровиот лист и цела смеса ставете ја во блендер и убаво изблендајте ја.
- Вратете ја назад во длабокиот сад (тенџерето) и додадете ја павлаката за готвење. Намалете ја температурата и варете 15 минути. Додадете сол и бибер по ваш вкус. Смесата треба да ви изгледа вака.
- Со направа што личи како за лупење компири ама всушност прави резанки, изрендајте ја краставицата. Верувам дека повеќето од вас имаат, но доколку немате да си набавите. :)
- Послужете ја супата во убава чинија, додадете ја моцарелата и резанките од краставица. Уживајте во растопената моцарела.