Бистра пилешка супа со кнедли

За настинка е тата-мата! 😁

Потребни состојки:

  • два цели копани
  • целер 
  • пашканат
  • морков
  • јајце
  • путер
  • гриз
  • магдонос
  • 2 коцки пилешка супа
  • сол
  • бибер

Настинав. Има ли полошо од настинка?! Нема! Онака, жив си ама возиш на резерва. Носот ти тече без престан, го дуваш, џабе дуваш бидејќи таму горе негде ти е затнат. Ај преку ден е ок, ама навечер како да доаѓаат мали човечиња и ти ставаат блокади во ноздрите за да не дишеш. Па дишеш на уста, па ти се суши грлото, па почнуваш да кашлаш и комплетно остануваш без сон. Ај тоа, туку немаш сила бе. Едноставно немаш. Цело тело те боли како да те утепал од ќутек некој. И уште кога ќе те фати онаа језива 37,6 температура, главата мислиш ти тежи 55кг. (*се качува на вага и се теши дека и е од главата* хехе) И секој појачан звук малку над нормалата ти оддекува како да си застанат под 200 камбани. Почнуваш да ги пиеш сите можни витамини, дури и некои што не си ги сретнал, ама витамини се, добри се. Пошто витамини се пијат само кога ќе настинеш, никако секој ден. Не, не, зошто секој ден, не ми е ништо! И оп, настинуваш и се пукаш со витамини за цела година што не си пиел (ова зборувам за себе, верувам дека вие секојдневно ги внесувате потребните дози на секој витамин). 😁 И се разбира, тука доаѓаат сите коментари, од луѓе што те гледаат, за што е најдобро за тебе:

"Земи ѓумбир и мед, нема подобро"

"Значи, земи си Тајлохот одма ќе се опраиш"

"Само витамини, ништо не ти треба" 

"Ауу, одма антибиотик, јас така правам"

"Направи си ја бе онаа супана од петел, најбоље е"

И ми текна, последниот коментар ме просветли! Ќе си направам сама пилешка супа, како што е редот.

п.с. Можеби сликата на насловна не е добра, ама па супата е бомба! ❤

Чекори за подготовка:

  1. Во поголемо тенџере на малку зејтин ќе ги запржите целерот (еден корен), пашканатот (еден) и морковот (два големи). Се разбира претходно ќе ги излупите и ќе ги исецкате по ваш избор. Дали на кругови или на стапчиња, оставам на вас.

  2. Одозгора ставете ги батаците.

  3. Додадете 1,5 до 2 литри врела вода. Доколку додадете ладна, на некој начин ќе му направите шок на зеленчукот кој е во процес на готвење, затоа врела.

  4. Кога ќе почне да вари, додадете две коцки пилешка супа и намалете ја температурата. По 15-20 минути извадете ги батаците, треба да се веќе сварени (доколку не, варете уште малце), изваде го целото месо од коската и расцепкајте го на мали парчиња. Истите вратете ги назад во супата.

  5. Додека си вари супата, земете јајце и одвојте ја жолчката од белката. Во еден сад ставете ја жолчката заедно со едно лажиче путер.

  6. Со вилушка изгмечете ги убаво и додадете 3 мали лажички гриз. Треба да добиете густа, но не толку тврда смеса.

  7. Во друг сад, изматете ја белката исто како да матите шлаг. Таква и структура треба да добиете.

  8. Со мало лажиче, малку по малку додавајте од белката во смесата со жолчка и гриз. Структурата треба да биде нешто како палента. Или ваква.

  9. Со мало лажиче земете од смесата и со прст спуштете ја во супата. Супата не смее да врие со кломбурци големи! Полека ќе приметите како кнедлите испливуваат на површина, тогаш се готови.

  10. Пробајте ја супата на вкус, доколку не ви е солена, додадете сол по ваш вкус, нормално и наросете со бибер. Исклучете ја ринглата и додадете многу магдонос и неколку ливчиња од целерот.

  11. Покријте ја со капак сè до моментот додека не ја послужите. Супата е преубава и доколку решите да ја правите за предјадење на некој ручек внимавајте бидејќи можете само од неа да јадете :)))

Хинт:

Доколку ве мрзи да правите кнедли, можете да ги замените со фиде!
2 март 2017 - 12:10