Чиз дип (макало од топено сирење)

Најпосакуваниот дип е всушност и најлесен за правење!

Потребни состојки:

  • чедар
  • путер
  • брашно
  • млеко
  • сол
  • бибер

Многу сакам да одам во кино, најмногу заради глупостите што ги јадам. Се сеќавам порано кога одевме во кино не се продаваше ништо внатре, од типот пуканки, онака, да ти го направат филмот комплетен. Пуканки купуваш од некое чиче пред кино (Вардар, Култура) во Мики Маус ќесичка големи, а малите беа во некое ќесе со цветчиња. Кока кола обавезно мора да се има, ја купуваш во некое продавниче и успут нешто благо, ресани на пример. Не се додржуваш до почеток на филмот, све се јаде одма. Е така и сега, со тоа што сега имаш да бираш, па од што не знаеш што сакаш земаш све и на крај на филмот бомба во стомак. Како и да е, многу го сакам оној начос чипс со сосеви. Салсата ок, ама она макало со топено сирење, аууу, да се удавиш! 

Инспирирана од одењето во кино, сакајќи секогаш да имам дип кога ќе гледам филм дома, решив да го направам. Се мислев едно време како така течен им останува, што ли му ставаат. Мора да е нешто млечно, како млечен сос... и ми текна, се разбира - бешамел! Нема полесно и нема поубаво нешто за мацање. Може да го комбинирате со многу други работи, не само со начо чипс. Ако го направите ова, ќе ме сакате засекогаш!  Со него, и лошите филмови полесно се трпат.

Чекори за подготовка:

  1. Правите бешамел сос (до сега веќе треба сите да знаете како се прави)
  2. Го рендате кашкавалот. Колку повеќе кашкавал, толку погуст!

  3. Го додавате во бешамелот и мешате додека не се стопи. Толку! Тоа е тоа! Не можеше да биде полесно, нели?!

Комбинации:

Може да го направите со сирење (кашкавал) по ваш вкус. Може да биде гауда, ајдемер, блу чиз..употребете ја вашата имагинација!
7 февруари 2016 - 18:50